ОБИЛНИТЕ ВРНЕЖИ ГИ ПРЕПОЛНИЈА БРАНИТЕ ЛИПКОВО И ГЛАЖЊА, НО НЕМА ОПАСНОСТ ОД ИЗЛЕВАЊЕ НА РЕКИТЕ

    ОБИЛНИТЕ ВРНЕЖИ ГИ ПРЕПОЛНИЈА БРАНИТЕ ЛИПКОВО И ГЛАЖЊА, НО НЕМА ОПАСНОСТ ОД ИЗЛЕВАЊЕ НА РЕКИТЕНема опасност од излевање на реките Липковка, Којнарка и Кумановка. (Фото: СДК.МК)

    Акумулационите езера Липково и Глажња, од каде Куманово се снабдува со вода за пиење, се преполни со вода која се прелева преку браните, но надлежните велат дека нема опасност од излевање на реките Липковка, Којнарка и Кумановка.

    Од ЈП „Водостопанство Кумановско-Липковско Поле“ велат дека браните се преполни од март, и дека сите овие месеци вршат контролирано испуштање на водата за да не се загрози нивната сигурност, но истовремено и да не предизвика излевање на реките.

    „Ако во јуни минатите години се прашуваме ќе има ли доволни количини на вода да го истуркаме летото, оваа година прашањето е што ќе правиме со толку многу вода. Поради обилните врнежи браните се преполни, но засега нема опасност од неконтролирано излевање. Ние го контролираме испустот на вода според нивото на водата во реките и засега нема опасност од поплави во Кумановско-Липковскиот Регион“, вели Оливер Илиевски, директор на ЈП „Водостопанство Кумановско-Липковско Поле“.

    Тој вели дека има најава од хидрометеоролозите оти наредните денови ќе има обилни врнежи од дожд во Јужна Србија, што може да го зголеми нивото на вода во реката Пчиња и евентуално да направи проблеми во пониските делови.

    И од Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) потврдуваат дека е зголемен водостојот во сите реки во Кумановско, но засега нема опасност од поплави.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира