КОНТЕЈНЕРИТЕ ПОЛНИ, ЃУБРЕТО ВО СКОПЈЕ НЕ СЕ СОБИРА, МАЗНЕВА ВЕЛИ ДЕКА БЛОКАДИ ПРАВАТ ВРАБОТЕНИ ВО КОМУНАЛНА ХИГИЕНА КОИ СЕ ДЕЛ ОД ПОДЗЕМЈЕТО

    КОНТЕЈНЕРИТЕ ПОЛНИ, ЃУБРЕТО ВО СКОПЈЕ НЕ СЕ СОБИРА, МАЗНЕВА ВЕЛИ ДЕКА БЛОКАДИ ПРАВАТ ВРАБОТЕНИ ВО КОМУНАЛНА ХИГИЕНА КОИ СЕ ДЕЛ ОД ПОДЗЕМЈЕТОНиз булеварите и улиците контејнерите се полни, а ѓубре има и околу нив бидејќи никој не ги празни.(Фото: К.Попов)

    Неколку денови ѓубрето во Скопје не се собира оти дел од вработените протестираат и ја блокираат работата на ЈП „Комунална хигиена“. Низ булеварите и улиците контејнерите се полни, а ѓубре има и околу нив бидејќи никој не ги празни.

    Вработените веќе неколку дена чекаат  средба со директорката Косана Мазнева-Николиќ и не одат да ги празнат контејнерите бидејќи бараат покачување на платите, исплата на К-15 и бенефициран стаж. Па затоа денеска цел град буквално е затрупан во ѓубре.

    Директорката Мазнева-Николиќ денеска свика прес-конференција на која рече дека група од подземјето, контролирана од политичка партија, намерно прави блокада на претпријатието и со тоа го загрозува здравјето на граѓаните. Заради тоа што сред лето не се собира ѓубрето и групата им се заканува и на другите вработени да не излегуваат да чистат, поднесени се соодветни постапки и пријави до Министерството за внатрешни работи и Јавно обвинителство.

    Директорката Мазнева-Николиќ рече дека поднела пријава до МВР за загрозување на здравјето на граѓаните. (Фото: К.Попов)

    „Нема да дозволам другите вработени да бидат жртви на уцени на ова добро познато подземје. ‘Комуналан хигиена‘ не е политичка партија ниту е приватна фирма, туку јавно претпријатие и нема да дозволам ни еден политички центар да ја контролира работата. Овие лица кои ја блокираат работата не се членови на синдикатот, ниту се вработени. Тие се тука како партиска логистика која има цел да се заканува и да ја блокира работата. Незадоволството е затоа што донесов одлука за сменско работење и сите вработени треба да ротираат во три смени. Тоа е спротивно на праксата која била со години само одредени лица да работат во трета смета и да добиваат бенефиции за тоа. Најголем дел од нив не се појавувале на работа и не ги извршувале своите обврски. Затоа што ставив крај на таквата пракса овие лица сега организираат блокада, а имаат други работни места и бизниси“, рече Мазнева-Николиќ на денашната прес-конференција.

    Таа кажа дека од март платата на вработените е зголемена за 864 денари, а договорите за работа се прекинати само со оние лица кои не работеле ништо.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира