И денеска контејнерите во Скопје се полни со ѓубре. Трет ден не се испразнети садовите за смет ниту пак е собрано ѓубрето околу нив. Ни ЈП „Комунална хигиена“ ниту општинските служби не успеаа да го соберат ѓубрето.
Градоначалничката Данела Арсовска, пак, вели дека издвојувала победа и дека градот се чисти.
„Не дозволивме и нема да дозволиме мафијашки структури заедно со политичкиот смет да наштетат на интересите на македонските граѓани“, напиша претпладнево Арсовска на својот фејсбук профил.
Потоа, на прес-конференција во Град Скопје Арсовска викаше и се караше со новинарите зошто не ја поддржаат директорката Косана Мазнева-Николиќ која се справила со мафијашки структури во претпријатието.
„Не е нервоза, туку револт и одбрана на женава која ја напаѓате. Таа направи нешто што мажи не го направиле 30 години. Тука луѓе не оделе на работа со години, земете направете истражување како новинари. Возеле камиони во Германија, а земале плата. Мора да се расчисти со овие работи и со инфлуенсериве од партиите кои се сликаат низ градот, а 30 години го раководеле овие претпријатие“, нарвозно викаше Арсовска.
Директорката на ЈП „Комунална хигиена“ Косана Мазнева-Николиќ на прес-конференција кажа дека од синоќа после полноќ камионите се ослободени, излегле на терен, екипирани се тимовите и Скопје ќе се исчисти, но не може за неколку часа да се среди целиот хаос кој бил направен од мафијашките структури.
Синдикатот на „Комунална хигиена“ денеска имаше состанок на кој одлучиле од втора смена да работат со нормалан динамика, но не отстапуваат од нивните барања кои по официјален пат ќе ги бараат од Мазнева-Николиќ.
А. АНТЕВСКА