Се вози на новата улица Есенинова во Скопје, која ги поврзува општините Аеродром и Кисела Вода, но градоначалничката Данела Арсовска не ја пушта во употреба. Улицата е изградена, поставени се и семафори и се користи за сообраќај.
Оваа улица беше речиси целосно изградена од ексградоначалникот Петре Шилегов, но по доаѓањето на функција на Арсовска проектот како и многу други беше стопиран. Арсовска вели дека имало проблеми околу бунарите, но поминаа речиси две години, а улицата не се пушта официјално во употреба.
Според проектот, новата улица е во должина од 730 метри, почнува од Кисела Вода кај Рампа покрај пругата кон амбулантата „Пролет“ и излегува на булеварот Трета македонска бригада во Општина Аеродром. Има две коловозни ленти и тротоари од двете страни низ Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во Трета македонска бригада. Со пуштање во сообраќај на оваа улица ќе се намалат гужвите кај „Тутунски комбинат“.
А. АНТЕВСКА