РУДНИЦИ ВО СТРУМИЧКО НЕМА ДА ИМА, МИЦКОСКИ НЕМА ПРАВО ДА ЗБОРУВА ОТИ ВМРО-ДПМНЕ ГИ ДАДЕ КОНЦЕСИИТЕ, ВЕЛИ КОВАЧЕВСКИ

    РУДНИЦИ ВО СТРУМИЧКО НЕМА ДА ИМА, МИЦКОСКИ НЕМА ПРАВО ДА ЗБОРУВА ОТИ ВМРО-ДПМНЕ ГИ ДАДЕ КОНЦЕСИИТЕ, ВЕЛИ КОВАЧЕВСКИКовачевски вели дека виновници за ситуацијата во која се наоѓаме е ВМРО-ДПМНЕ затоа што во 2016 година ги даде концесиите на странскиот инвеститор. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Димитар Ковачевски денеска кажа дека рудници во Струмичко нема да има. На следната владина седница, како што кажа, Министерството за економија повторно ќе ја презентира целата документација за случајот, откако вчера беше објавено дека министерот Крешник Бектеши ги измамил министрите, велејќи им дека Управен суд донел одлука за спојување на концесиите.

    „На следната седница на Владата, Министерството за економија со сите документи уште од 2012 година ќе ги информира сите министри за натамошната постапка. Но, јасен е ставот на СДСМ дека рудник не може да има ако тоа не го сакаат граѓаните на регионот. Оваа Влада постапува само во интерес на граѓаните, да ги заштити од евентуални големи отштети“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на промоцијата на заедничкиот електронски систем за наплата на патарините со Србија.

    Премиерот вели дека виновници за ситуацијата во која се наоѓаме е ВМРО-ДПМНЕ затоа што во 2016 година ги даде концесиите на странскиот инвеститор за нивно отворање. Рече дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нема право да зборува за рудниците кога токму неговата партија ги даде концесиите, но тогаш никој не смеел за тоа да зборува и пишува, ниту пак да организира протести.

    „Тие рудници се во изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ за 2016 година и тогашните градоначалници на Ново Село и Босилево од ВМРО-ДПМНЕ носат одлука за доделување на концесиите. Кога ќе го видам денес Мицкоски да зборува против отворање на рудниците, треба да каже кој беше шеф на кампањата во четвртата изборна единица во 2016 година и кој ја напиша таа програма. Тоа е лицемерие“, рече Ковачевски.

    Вчера од Министерството за економија рекоа дека во образложението на одлуката на Управниот суд, со која се пресуди во полза на инвеститорот, стоело дека Министерството пред да донесе какво било решение во однос на барањето на инвеститорот, требало да постапи и по барањето на инвеститорот за спојување на концесиите Иловица 6 и Иловица 11.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира