Додека битолскиот градоначалник Тони Коњановски денес држеше прес-конференција во Касарната за асфалтирање улица, на настанот се појавија советниците од граѓанската иницијатива Поинаку, Габриела Илиевска и Иван Чулакоски, облечени во маици со натпис „Кој лажи, тој и кради“. Илиевска , која е и претседателка на Советот, и Чулаковски не дадоа официјална изјава зашто тоа не беше нивна прес-конференција, но велат дека нивните пораки доволно кажуваат.
По настанот на нивната фесјбук страница соопштија: „Маиците од времето на Двојче се враќаат во мода. Истите приказни, истата матрица, истите ликови, истиот режим. Никогаш да не се повтори“, алудирајќи на градоначалникот Владимир Талески познат под прекарот Двојче од времето на 11-годишната власт на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.
„Нашата реакција е дека нас нè лажел една година. Маиците се од времето на Двојче, пораката е јасна“, ни рече Илиевска.
Односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Поинаку, која беше дел од советничкото мнозинство, се нарушија пред неколку месеци, кога Поинаку почна да ја критикува локалната власт за нереализирани проекти. Се распадна и мнозинството во Советот, па за дел од одлуките имаше вонреден инспекциски надзор од Државниот инспкеторат за локална самоуправа. Вчера, од Општина Битола соопштија дека Инспекторатот ја опоменал Илиевска и советниците за констатирани неправилности при донесените решенија за разрешување на членовите на управните и надзорните одбори во шест јавни претпријатија загубари.
„Одлуката од инспекторот не е конечно решение, ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот не можат да разберат дека на секое решение каде што стои правна поука постои право на жалба и сè дури не заврши тој жалбен период, ништо не е конечно. Ќе се жалам, уште не го имам добиено решението зашто Советот од 15 јули е на одмор“, рече Илиевска.
Градоначалникот Тони Коњановски вчера рече дека реалзиираните проекти ги спроведува и дека се надева оти сите политички субјекти ќе почнат да работат во интерес на градот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА