АСТЕРИКС И ОБЕЛИКС

Штом министри посредувале колку треба слупчанци да плаќаат за струја , тогаш Владата треба јавно да го објави договорот.

АСТЕРИКС И ОБЕЛИКС

1 Баш ме интересира каков договор постигнале жителите на Слупчане и ЕВН за да може екипите за електродистрибуција да влезат во селото, да го отстранат дефектот и да им стават броила за струја. Компанијата соопшти дека повторно гаранција дале сите политички партии и локалната власт, ама многу сум љубопитен што ли ветиле гаранторите на мештаните. А, штом посредувале министри, тогаш Владата треба и јавно да го објави договорот.

Каков ли договор извојуваа мештаните на Слупчане кои имаа смислено дека, ако веќе мора да плаќаат за струјата, сметките да не им бидат повисоки од 3.000 денари? Дали им ја простија досега украдената струја? Дали им е прифатено барањето џамијата да не плаќа струја? Оти трошењето струја е божја волја.

Каде научија вака да се борат? Како да ги читале стриповите за Астерикс и Обелиск од бунтовничкото галско село што се борело против Римската империја кога Цезар решил да им ги баждари броилата за струја. Или пак, можеби нивните роднини што живеат во Белгија, Швајцарија и Германија им раскажувале дека таму жителите преговараат со политичките партии кога сакаат колку сакаат да плаќаат струја. А, ако сметките за струја внесуваат неспокој во нивните животи, тогаш тие безмислосно ја уништуваат инфраструктурата на електродистрибутивната компанија. Тоа што никој ништо не им може е затоа што пијат од волшебната пијачка на локалниот партиски шериф. Партиската заштита денеска во Македонија дава многу повеќе моќ, отколку волшебната пијачка на Панорамикс во времето на Римското царство. И кога во Швајцарија роднините на слупчанци ќе предизвикаат таков дефект со што ќе оставаат осум села и граничен премин без струја, веднаш во селото доаѓаат министри и партиски функционери и заеднички дебатираат за човековите права.

И така, во современа Македонија, земја членка на НАТО, во 21 век имаме ситуација кога министерот за економија Крешник Бектеши најофицијално изјавува дека секој што троши струја треба и да си плати колку што си троши. Ајдее… Што е следно? Едукативен караван по села и градови како се плаќаат сметки за струја?

Како тргнале преговорите, наскоро може ќе побараат и на сметките за струја да пишува националност. Ем ЕВН да си знае со кого си има работа, ем со балансер, според попис, да се одмери и која националност колкава сметка треба да плаќа.

2 Од ЕУ ни испратија некаква екипа што треба да ги испита случувањата во Судскиот совет. Што има да испитуваат. Доволна им е само последнава случка.

Врховниот судија Наќе Георгиев се пријави за член на Судскиот совет. Во тој Судски совет за него имаше претставки, ама со месеци не се разгледуваа. Како што наближи денот за избор на Георгиев, членовите на Судскиот совет ги извадија претставките од фиоките и ги отфрлија. Го избраа за нов член на Судски совет со шест гласа сосе неговиот. И баш дента кога требаше да даде заклетва, беше закажана седница на Советот на која тој требаше да гласа за син му да стане судија. И тогаш, членовите на Судскиот совет сфатија дека таткото не смее да гласа за избор на синот. Поточно, ако таткото е член на Судскиот совет, синот не смее да биде судија. Оти, така вели законот.

И тогаш почна битката за белење на образот на Судскиот совет. Ај што ни врховниот судија не го прочитал законот, ај што и другите членови на Советот, чија работа е да избира судии, не го виделе законот за избор на судии, туку некому му текнало да ја одложи заклетвата на новите членови, а во меѓувреме таткото сепак да гласа за синот. Значи, навистина во тој Судски совет има генијални умови.

Така, новиов член на Судскиот совет се повлече од лични и морални причини. Оти го фатија пред да даде заклетва. Да не го фатеа, ќе беше она „секој заслужува шанса, па и синот на член на Судски совет може да биде судија“.

Туку, да не грешиме душа, можеби во Судскиот совет и го знаеле законот за избор на судии, ама си рекле да одиме според законот „Ако пројде, пројде“. Впрочем, тие не се избрани таму за да спроведуваат закон. Тие се избрани да извршуваат наредби „од горе“.

3 Стивна еуфоријата од одбележувањето на 60-годишнината од скопскиот земјотрес, дигиталните проекции, плакетите за дипломати, комеморативните концерти, политички говоранции и трескање од земја за „мое Скопјенце“ и „градот убав“. На 26 јули 1963 во 5.17 часот Скопје доживеа катастрофа што траела дваесетина секунди. Денеска, Скопје ја живее катастрофата што трае веќе 30 години. И допрва го чекаат катастрофи, откако ќе се изградат сите оние чудовишта од згради и трговски центри, а улиците и цела комунална инфраструктура се од времето на Тито кога секој вработен во Југославија неколку години издвјуваше по една солидарна дневница од платата неколку години за Скопје. Ќе се умира по трговските центри и во заробеништво во становите, оти нема да може да стигне ни Брза помош ни Пожарна да нè спаси.

Центарот на главниот град, лицето на секоја државата, сега изгледа како штотуку да сме излегле од војна. Скопје  се задушува во сопствената смрдеа од ѓубре и децениски наталожена прашина, не само што е целосно нефункционална метропола, урбанистички силуван град со супстандарни услови за живот, почнувајќи од раѓање па сè до умирачка, без организиран јавен превоз, искршени клупи, запалени диви депонии, обраснати канали, кучиња скитници, претрупани градинки, пластични шишиња во Вардар, изгнасени споменици, пресушени фонтани…

Но, пострашно од тоа е што Скопје се задушува во корупција.

Градежниците, или таканаречените „инвеститори“ посакуваат – локалните власти испорачуваат. Никој не се бави со својата работа, освен со здружено крадење. Но и локалните власти, градоначалници, советници, инспектори не би можеле да испорачаат ако тоа не им го аминуваат стручни луѓе, урбанисти, архитекти, градежници… Деканот на Градежниот факултет Горан Марковски даде убава дефиниција за оваа фела – инженерска проституција. Тие што треба да го градат Скопје, тие го уништуваат.

Одамна не се чудам како немаат совест. За срам пак, не правиме муабет. Тоа е веќе заборавена категорија. Но, многу ме интересира како практично живеат тие луѓе? Како им изгледа секојдневието во градот што го уништуваат? Колку и да им е скапа колата што ја возат, еве нека има и затемнети стакла, пак ги минуваат дупките по кои сите минуваме, пак стојат заглавени во сообраќај, пак поминуваат покрај ѓубрето што и ние го гледаме, пак цапаат во кал кога ќе се паркираат… И во најскапите приватни училишта да им учат децата, пак истиот воздух го дишат кога ќе излезат. Не шетаат со боци за кислород. Еве да речеш, ќе одат на скапи одмори, ќе купат куќа на планина, ќе изнајмат станови покрај море, ама пак тука треба да се вратат. Не можат цели фамилии да си ги евакуираат. Пак некое дете, мајка, баба, комшија, другар од деството ќе им остане тука да живее во мизерниот хаос што го направиле, мислејќи само за себе. Ама каква им е таа лична корист, ако макар да се лекуваат и во најскапата приватна болница, кога ќе го отворат прозорецот да земат воздух пак ќе го дишат воздухот од запалената депонија, истиот што го дишат и тие што лежат во државна болница.

Навистина, 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје е добар повод да ги прашаме како секојдневно живеат и политичарите што ги избираме, и таканаречените градежни инвеститори и стручните луѓе што им ги цртаат и одобруваат плановите и зградите за да биде „сè по закон шефе“. Како тие пари што ги направиле со поткуп и корупција ги трошат на квалитетот на своите животи во овој град?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира