Полни канти за отпадоци и контејнери, ѓубре расфрлено околу нив, исцедок по тротоари, пешачки патеки и улици, како и ужасна смрдеа која се шири е сликата од главниот град.
Особено запрепастувачка е состојбата во строгиот центар на Скопје, кој треба да биде лицето на градот. Кога ќе стигнете во центар, на Рекорд прво во обзема смрдеа и неподнослива миризба која се шири. Измешана миризба на ѓубре, исцедок, пцовисани животни и чад од околните дуќани за храна. Луѓето кои чекаат автобус на автобуската станица на Рекорд добиваа нагони за повраќање, ставаат маица или марамчиња преку устата, а дел од нив заминуваа да чекаат автобус на следната станица кај зелено пазарче.
Идентична е сликата и низ улица Македонија, Плоштадот Македонија и Кејот 13 Ноември. Кантите се преполни, плочникот не е изметен, ниту пак измиен и се шири смрдеа. Цело лето низ градот не поминале камионите кои ги мијат улиците, ниту пак рачно се миени Градски парк и плоштадите каде има најголема фреквенција на луѓе.
„Скопје никогаш не било повалкано. Навечер кога се собира ѓубрето миризба се разлева насекаде. Ѓубрарките се скапани и течат и цел град навечер е полиен со исцедокот што тече од нив. Не се вози по улица навечер со отворен прозор, а камоли пеш да се оди“, вели жител на населбата Капиштец.
Од скопските општини велат дека проблемот со ѓубрето во градот е во „Комунална хигиена“ која нередовно собира ѓубре.
„Ние како Општина наредната година размислуваме да ангажираме приватна фирма за чистење оти граѓаните постојано ни се жалат, а ‘Комунална‘ не чисти. Ги празнат само контејнерите, а ѓубрето околу нив останува и така се создаваат депонии“, вели градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски.
Пред еден месец во Скопје за прв пат во неговата историја три дена не се собираше ѓубрето поради кавга на вработените со директорката на ЈП „Комунална хигиена“ Косана Мазнева-Николиќ и градоначалничката Данела Арсовска.
А. АНТЕВСКА