Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека во Бањска во северно Косово убиени се тројца косовски Срби, од кои двајца од снајперски оган од голема далечинаа, двајца се тешко ранети. Вучиќ изјави дека синоќа околу 2:46 часот група Срби од Косово поставиле два камиони како барикади во Бањска. Потоа дошла косовската полиција и се обидела да ги отстрани тие барикади, дошло до конфликт со Србите кои ги поставиле барикадите и во тој конфликт загинал еден полицаец, а уште едно лице е рането.
„Во 08:57 часот беа затворени административните премини Јариње и Брњак. Престрелките и пресметките траат. Во 10.15 часот албанските власти соопштија дека четири општини на север се зона на антитерористичка операција“, рече Вучиќ и посочи дека предупредил во Брисел и Њујорк дека тоа може да се случи, но „малкумина сакаа да слушнат и слушаат“.
Вучиќ рече дека единствен виновник за сето она што денеска се случува на Косово е косовскиот премиер Албин Курти.
„Единствениот виновник, иако тие што му помагаат во тоа се малку виновни, за се што се случува на Косово и Метохија е Албин Курти. Тој ги остави луѓето сами да се грижат за својата судбина и цело време провоцираше. И жал ми е што дел од Србите паднаа на тие провокации. Албин Курти е единствениот виновен, единствен кој сака конфликти и војна. Никој друг не сака конфликти и војна, единствена желба му е да не вовлече во војна со НАТО и тоа е единственото нешто што го прави цел ден“, рече Вучиќ.
Тој го осуди убиството на косовскиот полицаец, но рече дека за тоа е виновен Курти и ја повика меѓународната заедница да се формира заедницата на српски општини во северно Косово.
Тројца напаѓачи се убиени, а петмина се уапсени по ноќното пукање на влезот во селото Бањска на северот на Косово, кога според полициската управа во Приштина, еден полицаец е убиен, а друг е ранет. По конфликтот на влезот во Бањска, напаѓачите упаднале во дворот на манастирот, од каде продолжиле да разменуваат оган со полицијата.
Курти за нападот ги обвини „криминалците спонзорирани од Србија“. Косовската полиција соопшти дека напаѓачите си заминале од манастирот во кој беа опколени и дека акцијата продолжува.
Србите во северно Косово долго време бараат спроведување на договорот од 2013 година со посредство на Европската унија за создавање асоцијација на автономни општини во нивната област. Разговорите под покровителство на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово заглавија минатата недела, при што блокот го обвини Курти за неуспехот да се формира асоцијацијата. Приштина го гледа планот како рецепт за мини-држава во Косово, што знчи поделба на земјата по етнички линии.