И ЗДРУЖЕНИЕТО НА КОНТРОЛОРИ НА ЛЕТАЊЕ НАЈАВИ ДЕКА ЌЕ ИМА ШТРАЈК НА 12 ОКТОМВРИ, БАРА РАКОВОДСТВОТО НА МНАВ ДА ПРЕСТАНЕ СО ЛИЧНИТЕ НАПАДИ

    И ЗДРУЖЕНИЕТО НА КОНТРОЛОРИ НА ЛЕТАЊЕ НАЈАВИ ДЕКА ЌЕ ИМА ШТРАЈК НА 12 ОКТОМВРИ, БАРА РАКОВОДСТВОТО НА МНАВ ДА ПРЕСТАНЕ СО ЛИЧНИТЕ НАПАДИНие, контролорите на летање и помошниците на контролорите на летање работиме во супстандардни услови 24/7, остро реагира Здружението. (Фото: СДК.МК)

    Во однос на тековните случувања и најавениот штрајк на 12 октомври, организиран од страна на ССКЛ – Струковиот Синдикат на Контролорите на летање, членството на Здружението на Контролорите на летање на Македонија (ЗКЛМ) денеска преку соопштение кажа дека дава целосна поддршка на барањата на Синдикатот, кои се поклопуваат со целите и програмата на ЗКЛМ.

    Здружението се стреми кон постојано унапредување на условите за работа, правично и ефективно распределување на човечките ресурси, хармонизација на меѓучовечките односи во работната средина, како и за професионално и квалитетно извршување на работните задачи на контролорите и помошниците контролори на летање“, предупредува на истите работи и Здружението на контролори на летање.

    Најавениот штрајк од ССКЛ е кулминација на претходните нивни континуирани заеднички барања за подобрување на целокупното функционирање на М-НАВ, чија примарна цел е овозможување на безбеден авио-сообраќај на небото над Македонија и регионот. Последната година ипол, тие праќале бројни дописи до менаџментот, бидејќи условите во кои работат, велат од Здружението, се повеќе од срамни за компанија од оваа индустрија.

    „Ние, контролорите на летање и помошниците на контролорите на летање работиме во супстандардни услови 24/7, со речиси непостоечки набавки на инвентар кој се користи и амортизира 365 дена во годината, со застарени системи за вентилација на воздухот, за ладење и греење кои не се сервисирани долги години, со недостаток и рестрикции на вода, што е основна човечка потреба, односно услови кои го загрозуваат нашето здравје. И покрај сето горенаведено, само со соработка помеѓу работничкиот колектив успеавме најпрофесионално да ги исполнуваме сите работни обврски и задолженија, иако тековно сме подложни на разни проверки на компетентност, лекарски прегледи, задолжителни стручни усовршувања и обуки според светски и европски стандарди“, остро реагираат и денеска контролорите на летање, преку своето Здружение.

    Како Синдикатот, и Здружението предупредува на престар и заостанат систем за контролата на летовите.

    „Опслужуваме обем на авиосообраќај кој континуирано се зголемува, кој за жал се води со застарен и технолошки ограничен систем за контрола на летање, што создава само дополнителен стрес и притисок во работата на контролорите и помошниците контролори на летање, а истовремено сме сведоци на долгогодишно неодговорно менаџирање со ресурсите што доведе до создавање на нечовечки услови, деградирачка и крајно немотивирачка атмосфера на работа“, велат членовите.

    Здружението бара раководството да престане со лични напади кон поединци меѓу штрајкувачите и да покаже достоинствен третман кон контролорите на летање, помошниците-контролори на летање, а и кон сите останати професионалци и оперативен персонал.

    „Како што неуморно ве водиме низ нашето небо, така ќе се бориме за нашето достоинство“, вели Здружението на контролори на летање на Македонија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира