Пациенти со покачена телесна температура и ентероколити последниве недели ги наполнија приватните лекарски ординации и Клиничката болница во Битола. Матичните лекари велат дека имаат многу болни, а од болницата потврдија дека е зголемен бројот на прегледи на Инфективното одделение и во Одделот за интерни болести.
„Последните три недели, амбулантите се преполни со пациенти кои се жалат на обилни течни столици и силни болки во стомакот, претпоставуваме дека се работи за вирус. Исто така, дел од пациентите се со покачена телесна температура. Некои завршија и в болница каде примаат инфузии. Меѓу лицата со ентероколити има и деца“, велат матични лекари од Битола.
Зголемен е бројот на прегледи на пациенти со вирусни заболувања, меѓу кои и со ковид-19 на Инфективното одделение при Клиничката болница со Битола, а со тоа и на Одделот за интерни болести каде има и хоспитализации на заболени со симптоми на коронавирус. Според податоците од болницата, на Инфективното одделение месечно имаат околу 500 прегледи, а 120 до 150 пациенти примаат терапија во дневна амбуланта, а на Интерното одделение 1.551 прегледи, од кои дури дваесет отсто се хоспитализирани меѓу кои и лица со инфективни болести. Од септeмври досега, бројот на регистрирани болни со ковид е 65. Дел од пациентите со поизразени симптоми на ковид-19 и за кои е потребна хоспитализација се упатуваат на Одделот за интерни болести, каде минатиот месец имаше осум хоспитализирани.
„За септември бројката на итни специјалистички прегледи беше 1.344 пациенти, од кои 81 лице со инфективни заболувања со температура, бронхопневмонија или енероколити. Во истиот месец на Одделот имаше 323 приеми, од кои 20 заболени со инфективни болести и тројца со симптоми на ковид-19. Во октомври, наголемување на бројките и тоа итни специјалистички прегледи на месечно ниво 1.551 од кои 9 пациенти со ковид-19. Во истиот месец на Одделот има 348 приеми од кои 30 пациенти со инфективни болести, а 8 со симптоми на ковид- 19 и се хоспитализирани. Хоспитализираните пациенти со симптоми на ковид се сметуваат во посебни соби за изолација и немаат контакт со останатите лежечки пациенти“, вели Ивона Трифунов, портпаролка на Клиничката болница од Битола.
На Инфективното одделение зачестени се зболени со варичела, горнореспираторни заболувања и ковид-19. На ова Одделение на годишно ниво има 6.500 прегледи, работи од 7 до 19 часот со двајца лекари специјалисти- инфектолози. Едниот специјалист е со полно работно време од 8 часа, а вторниот со скратено од 4 часа, од болницата велат дека успеваат да ги покријат потребите на заболените.
Ж. ЗДРАВКОВСКА