ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОВЕДЕ ИСТРАГА ПРОТИВ ВОЗАЧОТ КОЈ ГО ПРЕВЕЗЕ ПАЛЕВСКИ ВО ТУРЦИЈА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОВЕДЕ ИСТРАГА ПРОТИВ ВОЗАЧОТ КОЈ ГО ПРЕВЕЗЕ ПАЛЕВСКИ ВО ТУРЦИЈАИма основано сомнение дека возачот сторил кривично дело „Помагање на сторител по извршено кривично дело“, вели Обвинителството. (Фото: Принтскрин од видео)

    Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје почна истражна постапка за возачот Стефан Димковски кој го превезе од Србија во Турција Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Обвинителството соопшти дека за него има основано сомнение дека сторил кривично дело „Помагање на сторител по извршено кривично дело“ од член 365 став 3 вв став 1 од Кривичниот законик.

    „Во период од 01.12.2023 година до 03.12.2023 година осомничениот му помогнал на сторител да не биде откриен за две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик, обезбедувајќи му превоз со автомобил. Сега осомничениот, по претходна комуникација и договор со сторителот кој се наоѓал во Република Србија, со возило ‘ленд ровер’ со струмички регистарски ознаки, сопственост на правно лице, се упатил кон Белград. Таму се сретнал со сторителот и заедно со возилото се упатиле кон границата на Србија со Бугарија – граничен премин Калотина. Границата ја поминале на 02.12.2023 година, па движејќи се низ територијата на Р. Бугарија истиот ден пристигнале на границата со Турција, граничен премин Капитан Андреево, и влегле во Турција. Таму биле заедно до 03.12.2023 година, по што сторителот останал, а сега осомничениот со возилото преку Грција се упатил кон државава каде бил приведен на граничниот премин Стар Дојран“, вели Обвинителството и додава дека надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

    За адвокатот на Палевски, Васко Стојков, кој го превезе во Србија, кој од вчера беше задржан 24 часа во полициска станица, до ОЈО Скопје е доставено известување. Јавен обвинител оцени дека во овој момент не постојат законски основи да бидат предложени мерки на обезбедување, меѓутоа проверките за негова евентуална инволвираност во кривично-правен настан продолжуваат, вели Овинителството.

    На 5 декември Палевски беше уапсен од турската полиција како се движи пешки по автопат во Баликесир, а министерот за правда Крена Лога денеска соопшти дека Министерството за правда го испрати барањето за екстрадиција, кое преку МНР ќе биде доставено по дипломатски пат до турските власти.

    „Oригинал документ е испратен по ДХЛ до Министерството за правда на Република Турција и во скенирана верзија е пратен и до Интерпол. Очекуваме соработка со правосудните органи на Република Турција, навремено процесуирање и постапување од нивна страна во најкус можен рок“, соопшти Лога.

    Вчера, притвор од по 30 дена добија таткото на убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска од Скопје, Александар Ѓорчевски, и уште тројца осомничени поврзани со грабнувањето и убиствата на Вања и на Жежовски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира