ПРАТЕНИКОТ СКЕНДЕР РЕЏЕПИ ПРЕДЛОЖИ НОВ ЗАКОН ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА СИТЕ ДИВОГРАДБИ ПО СКРАТЕНА ПОСТАПКА

    ПРАТЕНИКОТ СКЕНДЕР РЕЏЕПИ ПРЕДЛОЖИ НОВ ЗАКОН ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА СИТЕ ДИВОГРАДБИ ПО СКРАТЕНА ПОСТАПКАСо новиот закон, како што велат од О2, може да се легализираат и згради и хотели. (Фото: К.Попов)

    По скратена постапка се предлага нов предлог-закон за измена и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Измените ги поднел пратеникот Скендер Реџепи на 27 ноември, на 5 декември се доставени до сите пратеници, а на 22 декември се ставени на дневен ред на пленарна седница.

    Со измените се легализираат сите дивоградби изградени до 31.12.2022, а до сега можеше само тие изградени до 4.3.2011. Нормално, се запираат и сите граѓански, управни и судски постапки, вклучително и кривични пријави. Со новиот закон кој се носи пред избори може слободно да се легализира викендица, хациенда, базени, времени објекти, доградби, надградби, остави, гаражи, но и цели станбени згради за колективно домување, трговски центри, ресторани, хотели, рекреативни центри, индустриски, стопански и деловни објекти, хидроцентрали, објекти во заштитени подрачја“, велат од граѓанската иницијатива О2.

    Во предлог-законот поднесен од пратеникот Реџепи, кој беше член на Алтернатива, а потоа формираше своја партија, стои дека со него се менува рокот до кој на бесправните објекти предмет на законот треба да се изведени градежните и инсталатерските работи во целост и истите да претставуваат градежна и функционална целина, како и висината на надоместокот кој барателот треба да ја плати за стекнување со правен статус на бесправниот објект.

    Висината на надоместокот за утврдување на правен статус за објектите со намена домување во станбени куќи согласно со правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и за електронските комуникациски мрежи и средства се пресметува врз основа на висината на надоместокот за уредување на градежно земјиште кој се пресметува во постапката за добивање на одобрение за градење за овие објекти, и тоа за делот од површината на бесправниот објект до 80 метри квадратни се зголемува за 50%, а за делот од површината на бесправниот објект над 80 метри квадратни се зголемува за 100% и се множи со површината на бесправниот објект која е утврдена со геодетскиот елаборат за утврдување на фактичката состојба на бесправен објект“, стои во предлог-законот.

    Со предлог-законот се предвидува лицата кои немаат поднесено барање за утврдување за легализација на дивоградби да можат најдоцна до 31 декември 2024 година да ја завршат постапката.

    Од О2 иницијатива велат дека заедно со други здруженија ќе поднесат барање за повлекување на предложените законски измени до претседателот на Собранието Талат Џафери. Доколку пратениците ги изгласаат измените во Собранието, тогаш ќе бараат повторно од претседателот Стево Пендаровски, да не го потпише указот за прогласување на законот и да го врати на повторно разгледување во Собранието со задолжителна јавна расправа.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира