КАСАМИ НАЈАВИ ПРОТЕСТИ АКО БЕСА НЕМА ЧЛЕН ВО ДИК

    КАСАМИ НАЈАВИ ПРОТЕСТИ АКО БЕСА НЕМА ЧЛЕН ВО ДИККасами рече дека опозициските партии имаат конкретен предлог кој човек да биде член на ДИК и се надеваат дека Собранието ќе постапи согласно законот, во спротивно најави протести. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Движење Беса и градоначалник на Тетово Биљал Касами, денеска најави дека се можни протести ако не се дозволи неговата партија да има член од опозицискиот политички блок кај партиите на Албанците во Државната изборна комисија (ДИК). Касами потенцира дека тоа е предвидено во соодветниот Закон за избори.

    „Се работи за едно законско право, тука нема можност за калкулации. Самото барање на претседателот на Собранието поставено до опозициските партии, не до Алијанса за Албанците која претендираше дека треба да го добие тоа место, покажува дека законот е јасен. Но претседателот на Собранието и понатаму се обидува да направи опструкции во овој дел со тоа што има пратено писмо и до партии кои не постоеле до последните парламентарни избори“, изјави Касами.

    Тој напомена дека опозициски партии имаат конкретен предлог кој човек да биде член на ДИК и се надеваат дека Собранието ќе постапи согласно законот, во спротивно најави протести.

    „Тие се законодавен дом и ако тие не го почитуваат законот, не може да го очекуваме други да го почитуваат. Ние се надеваме дека до пред формално да се формира техничката Влада ќе го добиеме нашиот член, затоа што тоа е предуслов за фер и демократски избори. Но ако претседателот на Собранието продолжува да ги игнорира законите, јас во една прилика кажав дека ние нема да дозволиме да се организираат избори каде што сите партии и сите граѓани ќе немаат еднакво право да учествуват и да го дадат својот глас за ги изберат своите претставници на следните избори. Дадов пример дека ќе протестираме, ќе ги искористиме сите нашите демократски права за да не дозволиме недемократски и нефер избори да се организираат во Македонија“, рече Касами на промоција на реконструирана улица во Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира