НОВА НАГРАДА ЗА „КАЈМАК“ ВО ИТАЛИЈА, ДЕСЕТТА ЗА ФИЛМОТ И ЗА МАНЧЕВСКИ

    НОВА НАГРАДА ЗА „КАЈМАК“ ВО ИТАЛИЈА, ДЕСЕТТА ЗА ФИЛМОТ И ЗА МАНЧЕВСКИ„Кајмак“ ја доби Меѓународната награда на Град Палермо, изработена од прославениот сицилијански керамичар Нино Парука. (Фото: и-Фест)

    Режисерот Милчо Манчевски ја заврши 2023 со вкупно десет фестивалски награди, од кои седум за последниот филм „Кајмак“ и три за него како автор. „Кајмак“ беше прогласен за најдобар филм на фестивалот и-Фест во Палермо, Сицилија, кој заврши на 29 декември.

    Како што објави и-Фест на официјалните страни на социјалните мрежи, „Кајмак“ ја доби Меѓународната награда на Град Палермо, а куриозитет е дека таа е изработена од прославениот сицилијански керамичар Нино Парука кој годинава одбележува пола век творештво. Фестивалот му оддаде почит и на Манчевски, со почесна проекција на неговиот легендарен филм „Пред дождот“, добитник на Златен лав во Венеција и на номинација за Оскар, како и со мастерклас што режисерот го одржа во Палермо.

    „Му се радувам на ‘Кајмак’ оти се покажа дека е едно жилаво филмче – колку повеќе локалната филмска мафија се обидува да нѐ блокира со незаконски средства и него и мене, ние толку повеќе меѓународни награди собираме. На здравје и за многу години“, ја пренесе изјавата на Манчевски продукцијата „Банана филм“.

    Манчевски одржа и мастерклас во Палермо. (Фото: и-Фест)

    „Кајмак“ новата 2024 година ја стартува во официјална конкуренција за најдобар филм на фестивалот во Буенос Аирес, Аргентина.

    „Кајмак” е еден од најуспешните македонски филмови и со најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, како и во Австралија и Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска, Хрватска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.

    „Кајмак“, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија) во ноември 2022, потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, САД, Холандија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Албанија, итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми. „Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија во 2022 година.

    „Агенцијата за филм сè уште незаконски ги блокира двата проекти на Манчевски, ‘Кајмак’ и ‘Збогум, Копакабано!’ (работен наслов ‘Биста’)“, вели „Банана филм“. Јавна поддршка за Манчевски како укажувач на корупција кој трпи политички прогон изразија Филмскиот фестивал во Венеција, ФИПРЕСЦИ (Меѓународната Федерација на филмски критичари), Транспаренси интернешнл и Whistleblowing International. Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) на 15 ноември 2023 година побара од Владата да го разреши директорот на Агенцијата за филм Бојан Лазаревски, а од Јавното обвинителство да го гони кривично за незаконско трошење буџетски пари, но двете институции сѐ уште не постапиле по барањето.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира