ОБВИНИТЕЛОТ БАРАЛ, НО СУДИЈАТА НЕ ИМ ДАЛ ПРИТВОР НА НЕЗИРИ И НА УШТЕ ТРОЈЦА НАПАЃАЧИ НА КОНТРОЛНАТА КУЛА

    ОБВИНИТЕЛОТ БАРАЛ, НО СУДИЈАТА НЕ ИМ ДАЛ ПРИТВОР НА НЕЗИРИ И НА УШТЕ ТРОЈЦА НАПАЃАЧИ НА КОНТРОЛНАТА КУЛАНа Беким Незири му е одземен пасошот како мерка на прерпазливост (Фото: ДУИ)

    Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Јавниот обвинител за определување мерка притвор против ексминистерот од ДУИ Беким Незири, сега вработен во М-НАВ и уште 3 лица кои во петокот вечерта беа спроведни во судот, донесе решенија со кои на сите четири лица им се опредлуваат само мерки за претпазливост.

    Тие се сомничени за кривичното дело „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ од чл. 303 ст.2 вв со чл. 22 од КЗ,  кривично дело кое се казнува со најмалку 5 години затвор.

    „Согласно член 146 ст.1 од ЗКП на осомничените им се определува: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, одземање на патната исправа, односно забрана за нејзино издавање и забрана за комуникација со оштетениот како и меѓусебна комуникација“, соопшти Кривичниот суд по полноќ.

    Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело „загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“. Осумтемина напаѓачи на Контролната кула на Скопскиот аеродром не беа осомничени за тероризам, иако во моментот на нападот нападнатите контролори воделе 28 авиони на небото над Македонија.

    „Осомничените на 4 јануари, со заедничко дејствие на извршување, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот. Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години. Јавниот обвинител, ценејќи дека во конкретниот случај постои опасност од бегство, можност осомничените да влијаат врз постапката или да го повторат делото, до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за четворица осомничени кои се лишени од слобода, додека по останатите четворица се трага“, соопшти Обвинителството додека обвинителот беше пред судијата на претходна постапка.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира