ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЌЕ СЕ ЖАЛИ ШТО СУДИЈАТА НЕ ИМ ДАЛ ПРИТВОР НА НЕЗИРИ И НА УШТЕ ТРОЈЦА НАПАЃАЧИ НА КОНТРОЛНАТА КУЛА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЌЕ СЕ ЖАЛИ ШТО СУДИЈАТА НЕ ИМ ДАЛ ПРИТВОР НА НЕЗИРИ И НА УШТЕ ТРОЈЦА НАПАЃАЧИ НА КОНТРОЛНАТА КУЛАДодека траел инцидентот над небото на Македонија имало 28 авиони; - Обласната контрола на летање во М-НАВ (Фото: Ѓ. Личовски, архивска фотографија)

    Јавниот обвинител во текот на денешниот ден ќе вложи жалби на одлуката на судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, со која беше одбиен предлогот за определување мерка притвор за четворица осомничени за кривично дело „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ и им беа определени мерки на претпазливост, соопшти Обвинителството за осомничените за упадот во Контролата на летање на Скопскиот аеродром.

    Синоќа, судија на претходна постапка место притвор против ексминистерот и главниот на ДУИ во Чаир Беким Незири, сега вработен во М-НАВ, и уште 3 лица кои беа спроведени во судот, донесе решенија со кои на сите четири лица им се опредлуваат само мерки за претпазливост. Тие се сомничени за „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ од чл. 303 ст.2 вв со чл. 22 од Кривиниот законик, кривично дело кое се казнува со најмалку 5 години затвор.

    Други четворица осомничени уште се недостапни за органите на прогонот.

    Судот ноќеска соопшти дека на осомничените им се определува: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, одземање на патната исправа, односно забрана за нејзино издавање и забрана за комуникација со оштетениот како и меѓусебна комуникација.

    Осумтемина напаѓачи на Контролната кула на Скопскиот аеродром не се осомничени за тероризам, иако во моментот на нападот нападнатите контролори воделе 28 авиони на небото над Македонија.

    Четворица од напаѓачите по кои МВР уште трага, се надворешни лица кои не се вработени во М-НАВ.

    „Осомничените на 4 јануари, со заедничко дејствие на извршување, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот. Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години. Јавниот обвинител, ценејќи дека во конкретниот случај постои опасност од бегство, можност осомничените да влијаат врз постапката или да го повторат делото, до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за четворица осомничени кои се лишени од слобода, додека по останатите четворица се трага“, соопшти синоќа Обвинителството додека обвинителот беше пред судијата на претходна постапка.

    На 4 јануари по прес-конференцијата на претседателот на Синдикатот на контролорите на летање на Македонија Александар Тасевски, седуммина насилници предводени од вработениот Беким Незири влегле во зградата на М-НАВ и заклучената радарска соба за контрола на авионите кои слетуваат, полетуваат и летаат над Македонија, им ја отклучил тој со својата картичка. Насилниците точно знаеле кого бараат – контролор на летање Албанец, затоа што излегол и му дал поддршка на Синдикатот и на Тасевски, како и на останатите два синдиката во М-НАВ. Откако го нашле, тие го нападнале, го истепале и го повредиле.

    Вчера, директорот Фахрудин Хамиди го нарече упадот „мало кошкање“, а Тасевски кажа дека колегите во тој момент биле под силен стрес, бидејќи на небото „сечеле“ најмалку 36 авиони. Рече дека е среќа што контролорите постојано се обучуваат за стресни ситуации, за дојави за бомби во авиони, за терористички напади на нивните работни места и во авиони, за киднапирања на авиони и друго, па останале смирени додека насилниците го тепале нивниот колега и не дошло до катастрофа на небото.

    ДУИ вчера соопшти дека е неправедно тоа што упадот во контролата за летање се поврзува со нивната партија иако меѓу напаѓачите беше и Беким Незири, претседателот на чаирскиот огранок. ДУИ во соопштението кажа дека упадот е „резултат на нарушени и заладени односи меѓу колегите во работната средина и нема никаква врска со политичкo прашањe, а уште помалку со ДУИ. Станува збор за несогласување меѓу колегите и во никој случај не треба неправедно да се меша партиска политика. резултат на заладени односи меѓу колеги“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира