АКО ВЛАДАТА НЕ ГО РАЗРЕШИ РАКОВОДСТВОТО НА М-НАВ, ОД 10 ЈАНУАРИ СЕ ЗАТВОРА НЕБОТО НАД МАКЕДОНИЈА ЗАРАДИ БЕЗБЕДНОСТ НА ЛЕТОВИТЕ

    АКО ВЛАДАТА НЕ ГО РАЗРЕШИ РАКОВОДСТВОТО НА М-НАВ, ОД 10 ЈАНУАРИ СЕ ЗАТВОРА НЕБОТО НАД МАКЕДОНИЈА ЗАРАДИ БЕЗБЕДНОСТ НА ЛЕТОВИТЕАко Владата не го разреши раководството на М-НАВ, од 10 јануари контролорите на летање ќе стапат во штрајк на неодредено време и ќе го затворат небото над Македонија заради безбедноста на патниците, потврди денеска Синдикатот. (Фото: СДК.МК)

    Владата утре (9 јануари) на седница треба да го разреши раководството на М-НАВ, откако тројцата директори и Управниот одбор не дадоа оставки по насилниот упад на осуммина во Контролната кула на Скопскиот аеродром при што беше натепан контролор на летање на работното место. Ако Владата не го разреши раководството на М-НАВ, од 10 јануари контролорите на летање ќе стапат во штрајк на неодредено време и ќе го затворат небото над Македонија заради безбедноста на патниците, потврди денеска претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски, кој истото го најави и на 5 јануари, ден по насилниот упад во радарската соба каде што е сместена обласната контрола на летање.

    „Се надеваме дека сето ова што се случи ќе резултира со разрешување на директорите во М-НАВ. Во спротивно покажуваат дека и во Владата не им е битно ништо освен фотелјите“, изјави Тасевски за „Дојче веле“ и повтори дека Синдикатот има поддршка и зад ваквиот став стојат сите вработени.

    Во моментот на нападот, на 4 јануари, нападнатите контролори воделе 28 авиони на небото над Македонија. Во исто време, на Скопскиот аеродром тој ден имаше вонредни услови поради слетување и полетување во магливо време и намалена видливост и големи задоцнувања и пореметување на редовниот ред на летање.

    На 5 јануари, Контролорите на летање од кулите на Скопскиот и на Охридскиот аеродром, поддржани од другите два синдиката во М-НАВ, соопштија дека упадот го сметаат за терористички чин.

    „Влез на неовластени лица во забранета и заштитена зона, воздухопловна зона, е чист терористички чин по сите светски норми и закони“, беше заклучокот на контролорите и останатите колеги инженери, инструктори, технички и друг персонал во М-НАВ.

    Директорот на М-НАВ Фахрудин Хамиди, на 5 јануари го нарече упадот „мало кошкање како што има во секоја фирма“ и не поднесе оставка.

    На 4 јануари, упадот во Контролната кула го направија главниот на ДУИ во Чаир Беким Незири, вработен во М-НАВ, и уште седуммина насилници. Напаѓачите се осомничени за „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ од чл. 303 ст.2 вв со чл. 22 од Кривичниот законик, кривично дело кое се казнува со најмалку 5 години затвор. Четворица од напаѓачите по кои МВР уште трага, се надворешни лица кои не се вработени во М-НАВ.

    Обвинителството бараше притвор за 4 напаѓачи кои се достапни, но судиите на претходна постапка Пајазити и Крстиќ место притвор досудија само мерки на претпазливост, што Судот вчера го оправда со тврдење дека Обвинителството не дало доволно докази оти бил загрозен воздушниот сообраќај. Со изречените мерки за претпазливост место притвор, Беким Незири, кој со својата картичка ги внесе насилниците во Контролната кула, и уште едне вработен во М-НАВ, од утре ќе може повтроно да се вратат на работните места.

    „Со упадот во Контролната кула на Скопскиот аеродром се исполнети обележјата на кривичното дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај и тоа со самата можност да се загрози безбедноста на аеродром за меѓународeн воздушен сообраќај со акт на насилство и не е неопходно да настапила катастрофална штетна последица во смисла на тешка повреда, смрт или уништување“, му одговори вчера Обвинителството на Основниот кривичен суд Скопје.

    Од Обвинителстото велат дека Јавниот обвинител во својата жалба до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје детално ги образложил причините поради кои смета дека е неоснована одлуката на судијата на претходна постапка да не определи мерка притвор за осомничените во конкретниот случај.

    „Обвинителството ги има и ги приложи сите докази дека постои реална опасност четворицата осомничени кои се лишени од слобода да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци (вклучувајќи ги и оштетените, но и осомничените кои се уште се недостапни), како и да го повторат делото“, вели Обвинителството.

    Вечерта по упадот на 4 јануари, Владата соопшти дека на седницата закажана за 9 јануари „ќе се донесе за решение на постоечката ситуација во М-НАВ и ќе бидат предложени и донесени неколку одлуки и тоа целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени. Да се отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира