Претседателот Стево Пендаровски предлага продолжување на рокот за вадење нови лични документи до септември.
Поради промената на уставното име на државата во Северна Македонија, согласно Преспанскиот договор од 2018, рокот за промена на личните документи е до 12 февруари годинава, а на пунктовите во МВР се чека со часови и за сликање и за подигнување на на документите.
Претседателот Пендаровски вели „мораме да ги заштитиме граѓаните – нема смисла хаосот со вадење нови документи да продолжи“.
„Прво, тоа е срамно понижување на македонските граѓани. И непотребно. Второ, ова го предложив на најмалку двајца министри во македонската влада – со брза интервенција во два закони – Закон за лична карта и Закон за патни исправи, и ако е потребно и Законот за безбедност во патниот сообраќај, тоа се прави во едно попладне, знаеме дека може да се направи во едно попладне, не мора со европско знаменце да биде. Ќе ги измениме тие два закони, ќе го пролонгираме рокот, наместо февруари да биде септември-октомври, претходно ќе ги известиме и Грците дека немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор“, рече претседателот Пендаровски во интервју на ТВ Сител.
Малтретирањето на граѓаните за да извадат нови документи не завршува само со чекањето по цел ден за поднесување барања и фотографирање без закажување на пунктот во полициската станица „Пролет“ во Скопје. Продолжува и кога после 15 работни дена ќе отидат да си ги подигнат документите бидејќи стотина граѓани стојат во ред, а редот оди бавно и се чека околу 5 часа. Дополнително, пребукирани се и термините за закажување за сликање за што се чека повеќе од 6 месеци.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на 26 декември изјави дека интензивно се работи и дека до крај на јануари сите граѓани ќе завршат со сликање за нови лични документи, но според гужвите во главнот град, нема шанси рокот да се испочитува.