МВР НЕ КАЖУВА КОЛКУ ПАСОШИ СО „СЕВЕРНА“ СЕ ИЗДАДЕНИ ПО ИТНА ПОСТАПКА ШТО Е ТРИПАТИ ПОСКАПО ОД РЕДОВНАТА

    МВР НЕ КАЖУВА КОЛКУ ПАСОШИ СО „СЕВЕРНА“ СЕ ИЗДАДЕНИ ПО ИТНА ПОСТАПКА ШТО Е ТРИПАТИ ПОСКАПО ОД РЕДОВНАТАОд МВР нема одговор на нашето прашање колку пасоши се издадени по итна постапка туку само збирна бројна колку лични документи досега се издадени со „Северна“. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за внатрешни работи не кажува колку пасоши со Северна Македонија се издадени по итна постапка, што чини трипати поскапо од редовната. Рокот за менување на личните документи истекува на 12 февруари, а термини за редовна постапка има дури за јули, па затоа голем број граѓани вадат документи по итна постапка.

    Издавање на пасош по итна постапка чини 6.200 денари и се издава најдоцна во рок од 48 часа од поднесувањето на барањето за издавање. Но, од МВР не кажуваат колку пасоши се издадени по итна постапка оти со месеци нема место за редовна.

    САКАМДАКАЖАМ.МК  праша во Министерството колку пасоши се издадени по итна постапка во изминативе 6 месеци откако почнаа гужвите. Одговор од МВР немаше на прашањето туку само збирна бројна колку лични документи досега се издадени со Северна.

    „Од 05.07.2021 до 16.01.2024 се издадени 1.050.439 лични карти, 1.211.776 пасоши и 546.741 возачки дозволи“, стои во одговорот на МВР.

    Според Преспанскиот договор со Грција од 2018 со кој се реши 30-годишниот спор за името на земјава, личните документи мора да се заменат со новото уставно име Северна Македонија до 12 февруари годинава. Уставните измени со кои името на државата стана Република Северна Македонија беа усвоени во Собранието на 11 јануари 2019. Но, Министерството за внатрешни работи почна да издава лични документи со Северна дури на 5 јули 2021, односно две и пол години откако беше променето името на државата. Па така, многу граѓани имаат извадено лични документи само пред две години и сега повторно треба да ги менуваат и за тоа да плаќаат.

    На шалтерите на МВР пак секој ден има големи гужви и за подигнување на документите. Се чека по 5 часа за да се земат од просториите во МТВ, без оглед дали се издадени во итна или во редовна постапка.

    МВР завчера повторно соопшти дека личните карти без Северна чиј рок не е истечен ќе продолжат да важат во земјава и по 12 февруари, укажувајќи дека Законот за личната карта не е изменет.

    Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера рече дека не е фер на граѓаните да им се дава лажна надеж дека може да се одложи рокот за промена на пасошите со новото уставно име, туку, според него, правилно би било државните институции да организираат и да го забрзаат издавањето пасоши. Османи смета дека не е можно да се сменат одредбите на Договорот од Преспа или да се смени законот за спроведување на уставните амандмани, со кои што се предвидува до 12 февруари годинава да се сменат пасошите.

    Османи во петокот се сретна со грчката амбасадорка Софија Филипиду, по што од неговиот кабинет соопштија дека „биле разгледани и мерките и активностите кои Владата ги спроведува во насока на имплементација на обврските од Преспанскиот договор“.

    Претходно месецов, првин претседателот Стево Пендаровски кажа дека може да се одложи рокот за промена на пасошите со две-три законски измени, а ВМРО-ДПМНЕ потоа поднесе претставки до Уставниот суд за законите за патни исправи и за безбедност во сообраќајот, кои ако бидат прифатени, би овозможиле одложување на рокот. Но, Османи вчера повтори дека мора до 12 февруари да бидат променети пасошите.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира