Генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ беше на промоцијата на Данела Арсовска за претседател на партијата Нова Алтернатива од политичка култура, не значи дека ќе правиме коалиција, кажа министерката за одбрана Славјанка Петровска.
„Тоа е одлука на партијата и партијата ако добила покана мислам дека кој било претставник на партијата треба да удостои формирање на политичка партија, доколку принципите на формирањето на таа партија, се разбира, се демократски и она што сите ние го споделуваме – европските вредности за државата, напредокот на државата“, вели Петриовска.
Таа додаде дека „тоа присуството на основање на партија не значи по дефиниција веднаш дека ќе се направи коалиција или дека ќе има некаква соработка. Едноставно, тоа е дел од политичката култура“, кажа Петровска одговарајќи на новинарско прашање пред учеството на трибината на Сојузот на борци по повод 80 години од ослободувањето на државата, на која учествуваше заедно со министерките за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ – Вардарски, вчера седеше во првиот ред на промоцијата на скопската градоначалничка Данела Арсовска за нова лидерка на старата партија Нова алтернатива. Оваа партија, чиј досегашен лидер беше хирургот д-р Ѓорѓи Оровчанец, беше дел од коалицијата на СДСМ „Можеме“ на парламентарните избори во 2020 и на уште три претходни и избори.
На партиската конвенција во Скопје на која беше инаугурирана новата лидерка, во првиот ред до Зечевиќ седеа најблиските соработници на Арсовска и нејзиниот сопруг и синот.
Арсовска пред неколку месеци најави дека собира потписи за да ја формира партијата Правда. Но, со оглед дека сега таа стана лидерка на Нова алтернатива, планот за собирање 1.000 потписи не успеал.
А. АНТЕВСКА