Рускиот бизнисме Сергеј Самсоненко продолжи да го гради хотелот заедно со Офицерски дом на Плоштад Македонија во Скопје. По неколку години откако беа стопирани градежните работи, објектот повторно се гради, но динамиката со која се работи е бавна.
Од Општина Центар велат дека пред да продолжат градежните работи, издадени се решенија за измени во тек на градба за двете градежни парцели. Барањата за измени во градба од фирмата на Самсоненко биле поднесени во 2022 година.
Според договорот за продажба на градежното земјиште, фирмата „СИС инвест груп“ требаше да го изгради објектот до 10 април 2022, што не е направено. Поради надминување ги роковите за изградба на двата објекта на Плоштад Македонија, Самсоненко плаќа секој месец пенали на Општина Центар во висина од 10.000 евра.
„Правното лице ‘СИС инвест груп“ редовно ја плаќа договорната казна. Престанок на уплата на договорната казна три месеци последователно значи и раскинување на договорот“, велат од Општина Центар
Пред две години, од правниот тим на Самсоненко изјавија дека фирмата сака да го изгради хотелот со Офицерски дом на Плоштад Македонија, но постојано се соочува со опструкции. Најпрво, застој во градбата имало поради неоснованото поведување стечајна постапка од фирмата „Кратер“, која траела две години и се запира на 29 декември 2020. Откако тој проблем бил решен, причина за застојот во довршување на изградбата, според правниот тим на Самсоненко, биле постојаните опструкции од Општина Центар кои се технички и поради тоа не можело да се продолжи со градењето.
Хотелот, што според најавите требаше да биде од синџирот хотели „Мериот кортјард”, и Офицерскиот дом кој треба да биде резиденцијален кабинет на градоначалникот на Скопје со матична служба, почна да го гради грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас во 2011. Тогашната влада на Никола Груевски преку Министерството за транспорт и врски му го продаде ова атрактивно земјиште со површина од 6.300 метри квадратни по цена од 100 евра по квадрат. Но, откако Кондоминас во 2015 беше уапсен во Грција поради затајување данок, проектот го презеде Сергеј Самсоненко кој ја купи фирмата на грчкиот бизнисмен за 600.000 евра.
А. АНТЕВСКА