Пратеничката и професорка Гордана Силјановска-Давкова ќе биде претседателска кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ. На денешната конвенција на партијата, Сиљановска-Давкова беше избрана да биде кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните претседателски избори. Од 448 делегати кои гласале, 444 гласале за кандидатурата на Силјановска-Давкова. Друг кандидат немаше.
Силјановска-Давкова најави дека ќе ги собира и потребните 10.000 потписи од граѓаните.
„Може да смените многу нешта, но татковина не. Изборите се пред нас, ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери во овие четири години вредно работеа и докажаа дека се единствена можна европска алтернатива. Изборите ќе го означат новото време. Ако со реформи покажеме дека знаеме европски да живееме и да работиме, тогаш ќе имаме самопочит, таа е важна, ама ако не е заслужена нема да нè почитуваат. Така ќе станеме вистински Европејци“, рече Силјновска-Давкова.
Кажа дека како претседателка на државата ќе состави експертски тим на врвни професори по уставно право, не само од овде, туку и од странство, како на пример Франција, за да го проучи Уставот во однос на генерирањето проблеми во уставниот поредок со кои се соочуваме.
Покрај Силјановска-Давкова кандидатура за претседател вчера најави и актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој ќе биде поддржан од СДСМ, а од утре ќе собира и 10.000 потписи.
До денеска, потребните 10.000 потписи за учество на претседатеските избори ги собраа Стевчо Јакимовски (ГРОМ), Максим Димитриевски (ЗНАМ), Билјана Ванковска (Левица), Бујар Османи (ДУИ) и Арбен Таравари како кандидат на албанските опозициски партии здружени во „Вредности“.
А. АНТЕВСКА