Само малцинство од земјите-членки се навистина за проширување на Европската унија, тоа е вистината и отрезнувачката реалност наспроти перцепцијата на оние кои сакаат да се зачленат, вели унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во интервју за емисијата Агенда 35. Унгарија на 1 јули ќе го преземе претседателството со ЕУ, а Сијарто вели дека земјата е меѓу оние кои се најголеми поддржувачи на проширувањето.
„Скептичните земји или оние кои се против проширување никогаш не зборуваат отворено и директно. Тие никогаш нема да речат – ние сме против проширување, ние не се согласуваме Северна Македонија да се приклучи на ЕУ. Тие секогаш ќе стават напред некои вештачки нешта, кои всушност и не разбирате што значат. Што значи ‘внатрешни реформи пред проширување’? Што значи ‘продлабочување пред проширување’? Ова се комуникациски балони, комуникациски панели што не значат ништо. Тие имаат само функција да ja сокријат позицијата против проширувањето. Затоа велам дека искреноста мора да се врати во дебатата за проширувањето. Искреноста и взаемната почит. Мислиме дека најголемиот проблем во моментов во европската политичка арена е големиот недостиг на взаемна почит. Да се почитува Северна Македонија, за мене, на пример, значи членките на ЕУ да зборуваат директно и отворено за нивните позиции, во однос на проширувањето и приемот на Северна Македонија. Но, тие никогаш нема да го кажат тоа. Тоа што исто така ме фрустрира е што гледам претставници на земји-членки како зборуваат јавно и потоа ги слушам што зборуваат зад затворени врати“, вели Сијарто и додава:
„Како да не се исти земји. Ставаат вештачки сопки на патот, ставаат предуслови што апсолутно не се реалистични. На пример, стопроцентна усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ мислам дека не е ниту фер, ниту рационална, оти додека земјата не е целосно интегрирана во политичката интеграција, вакви предуслови не може да се очекува да бидат исполнети“.
Тој вели дека унгарското претседателство со ЕУ мора да постави реалистични цели за следните шест месеци, има шанса да стави некои прашања на агендата и да ги забрза малку, некои досиеја и да ги турне напред.
„Мислам дека е срамота што вистинските разговори за пристапување сè уште не се почнати со Северна Македонија, исто и со Албанија. Знаеме дека Црна Гора не може да затвори ниедно поглавје до сега“, рече Сијарто.
Со оглед на спротивстаувањето на Унгарија на клучен дел од политиките на ЕУ, на прашањето зошто земјата уште е дел од организации чии вредности не ги дели, Сијарто вели: „Па, ние ги делиме суштинските вредности на ЕУ, сакаме ЕУ да биде силна. Прашањето е како ЕУ да биде пак силна, оти во моментов е слаба и станува послаба и послаба… Тоа е нашата позиција. Силни членки, силна интеграција, а не супер држава“.
Унгарија го помогна бегството на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој на 20 ноември 2018, 7 дена откако се јави од Будимпешта, доби политички азил. Претходно, македонската полиција го бараше дома, кај мајка му и во гаражата кај партиското седиште во центарот на Скопје. Тој на 9 ноември 2018 требаше да се пријави во затворот во Шутка на издржување на двегодишна затворска казна за „Тенк” на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра.
Сега има ново барање од македонските власти за негова екстрадиција, а Сијарто вели дека нема поим што ќе се случи оти судот ја носи одлуката.
„Порано често разговарав со него, обично го прашував за негово мислење за развојот на Западен Балкан, како тој ги гледа нештата, тој е единствениот поранешен премиер што го имаме тука, па убеден сум дека нема кој би знаел подобро што се случува. Не, не, нема привилегии. Тој си доби азил, а процедурата е правна, не е политичка, па кога ме прашувате што ќе се случи со барањето за екстрадиција немам поим, оти не е на Владата, а особено не на МНР да го цени тоа. Секогаш е судот тој кој ја носи одлуката, а во нашата земја ние не се мешаме во судството. Не знаеме што ќе се случи“, рече Сијарто.
На прашањето дали статусот на Груевски ќе биде загрозен во Унгарија со оглед на несогласувањата со актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Сијарто рече „Не, оти нема тоа врска со правниот статус, дали и какви односи има тој со луѓе во Северна Македонија“.