НЕ МОЖЕ ЕДНО КОПИТО НА КОЊ ДА ВРЕДИ ПОВЕЌЕ ОД МЕНЕ, ЗАТОА СЕ ОТКАЖАВ ОД „ЕВГЕНИЈ ОНЕГИН“ ВО ОПЕРАТА ВО 2016, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ИВАН ПОПОВСКИ

    НЕ МОЖЕ ЕДНО КОПИТО НА КОЊ ДА ВРЕДИ ПОВЕЌЕ ОД МЕНЕ, ЗАТОА СЕ ОТКАЖАВ ОД „ЕВГЕНИЈ ОНЕГИН“ ВО ОПЕРАТА ВО 2016, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ИВАН ПОПОВСКИПоповски речиси 30 години живее во Русија, во врвот на културната елита. - На денешната прес-конференција за отворањето на 53. Мајски оперски вечери. (Фото: К. Попов)

    Реномираниот театарски режисер со светска кариера Иван Поповски за првпат режира опера во Македонија, и вели не е дека не бил поканет досега, но оти еднаш се откажал поради хонорар.

    Поповски речиси 30 години живее во Русија, во врвот на културната елита и постави театарски и оперски претстави кои беа оценувани со најпозитивни рецензии. Режирал опери во Бољшој театарот во Москва, а гостувал и во Метрополитен во Њујорк. Претставите на Поповски, кои руската критика ги оценува како спектакли, ги имаат добиено престижните награди „Кристален турандот“, „Музичкото срце на Русија“ и „Златен витез“ и медалот „Пушкин“. Последниве години предава и оперска режија во Москва.

    На денешната прес-конференција за премиерата на „Трубадур“ од Верди за отворањето на 52. Мајски оперски вечери (МОВ) на 9 мај во Националната опера и балет (НОБ), Поповски кажа дека за првпат ја режира „Трубадур“. Ова е негова 11-та режија на опера.

    На новинарско прашање зошто за првпат режира во матичната земја, Поповски рече:

    „Требаше да ја поставам ‘Евгениј Онегин’, но се откажав поради хонорарот. Вторпат во животот. Никогаш не се откажувам за хонорар. И сега требаше,  да не беа толку упорни Орце Ицковски ( уметнички раководител на Операта, н. з.) и Васо Ристов (генерален директор на НОБ, н. з.). Тогаш беше момент кога имаше толку многу коњи низ градот. И мислев дека не може мојот хонорар да биде помалку од едно копито на коњ. И затоа решив да се откажам. А многу сакав ‘Евгениј Онегин’ да ја работам и ќе ја работам. Не постои такво нешто дека не ме сакаат и дека не ме викаат. Сега бев фасициниран од упорноста на дирекцијата дека за таков краток период ќе успеам да ја поставам“, кажа Поповски.

    Со операта „Евгениј Онегин“ во 2016 беа отворени 44. Мајски оперски вечери, во режија на Дејан Пројковски. Директор на Македонската опера тогаш беше оперскиот пејач Игор Дурловски.

    За премиерата на „Трубадур“ на 9 мај диригент ќе биде Енрико Довико (Италија). Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимите Марија Пупучевска, а кореографијата Саша Евтимова.

    Во операта „Трубадур“ ќе учествуваат Зоран Сотиров, Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Сања Анастасиа (Србија), Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски, Јане Дунимаглоски, како и Хорот и Оркестарот на НОБ.

    Репризата е на 11 мај, со диригентот Иван Еминовиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира