Од новата влада бараме 450 евра минимална плата и враќање на трошоците за храна и превоз, рекоа на денешниот Првомајски протест од Сојузот за синдикати на Македонија (ССМ). Протестот почна пред зградата на Работничкиот дом (ССМ) во Скопје од каде продолжи пред Собранието и Владата.
„Нашите барања се зголемување на платите на работниците оти видовме дека функционерите не можат да преживеат со 78 отсто поголема плата. Бараме 450 минимална плата уште во првите 100 дена на новата влада, како и враќање на трошоците за храна и превоз. Ако знаеме дека функционерите со 2.500 евра тешко преживуваат денеска, ние работниците тешко преживуваме со 25.000 и 35.000 денари. Денеска работниците се излезени за да кажат дека не се задоволни со тоа што се случуваше изминатиот период. Прво треба да се задоволат работниците, а потоа самите себе“, кажа Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
На протестот работниците кажаа дека даваат црвен картон на судот поради тоа што направил обид да изврши притисок врз синдикатите за да ги уништи.
„Судот дозволи функционерска чизма на вратот на работниците за да молчат, да бидат понизни, тоа што го направија денеска го гледаме на дело. Ние синдикатите, ние работниците, ние граѓаните, пензионерите сме сите тука денеска за да покажеме дека колку повеќе нè напаѓаат посилни нè прават и колку повеќе пробуваат да ги уништат синдикатите ние сè повеќе сме силни“, додаде Трендафилов.
А. АНТЕВСКА