ОПШТИНСКИОТ КРИЗЕН ШТАБ 8 ДЕНА НЕ ДАВАШЕ НАВРЕМЕНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА КРИЗАТА СО ВОДА, КАЖАА СОВЕТНИЦИТЕ ВО КУМАНОВСКИОТ СОВЕТ

    ОПШТИНСКИОТ КРИЗЕН ШТАБ 8 ДЕНА НЕ ДАВАШЕ НАВРЕМЕНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА КРИЗАТА СО ВОДА, КАЖАА СОВЕТНИЦИТЕ ВО КУМАНОВСКИОТ СОВЕТНа седницата на советот не присуствуваше градоначалникот Максим Димитриевски, кој е командант на Кризниот штаб, а ни во време на кризата за вода не се обрати до граѓаните. (Фото: Општина Куманово)

    Дел од советниците во Советот на Општина Куманово не се задоволни како Општинскиот штаб за заштита и спасување ја менаџираше 8-дневната криза со водоснабдувањето во Куманово, особено во делот на информирањето. На вчерашната седница на која вонредна точка беше извештајот за справување со проблемите во водоснабдувањето, и опозицијата и власта имаше забелешки за транспарентноста од настанување до решавање на проблемот.

    Претседателката Ивана Ѓорѓиевска, од иницијативата „За наше Куманово“ на градоначалникот Максим Димитриевски, се правдаше дека таа ги споделувала информациите со сите што биле заинтересирани да ги добијат, а инсистирала и да се стави вонредната точка за водоснабдувањето. Кажа дека таа немала обврска да присуствува на Кризниот штаб, но го правела самоницијативно за да има повеќе информации.

    На вчерашната редовна седница на Советот, на која како дополнителна точка беше извештајот на директорите на ЈП „Водовод“ и „Водостопанство“ за хаваријата која го остави Куманово 8 дена без вода не присуствуваше градоначалникот Максим Димитриевски, кој е командант на Кризниот штаб, а ни во време на кризата не се обрати до граѓаните.

    „Претседателке, во вакви и слични состојби, сметам дека е недозволиво, вие како прва меѓу еднаквите да не го информирате Советот за настанатата алармантна состојба, да не споделите информации со нас и првиот ден и деновите кои следуваа. Ние како советници самоиницијативно баравме одговори и ги чекавме официјалните известувања на ЈП Водовод. Цело време бевме на удар на јавноста и сограѓаните, кои од нас бараа информација за целата состојба. Мој личен впечаток е, но и тоа што го добивам како реакција од сограѓаните, дека дел од известувањата беа штури, оскудни, не беа прецизни, на моменти дури и збунувачки и беа ретки. Во таква ситуација треба да имаме поголема фреквенција на известувања, со цел граѓаните да бидат навремено информирани“, кажа координаторката на ВМРО-ДПМНЕ, Елена Доцевска-Божиновска, која е дел од власта.

    На иста линија беа и опозициските советници, кои сметаат дека во вонредна состојба во општината требало да веднаш да се свика и вонредна седница на Совет, за да се расправа за еден вака суштински проблем и да се дадат насоки на граѓаните.

    „Луѓето беа во паника, посебно првиот ден, бидејќи утрината пиеле вода. Прашуваа дали да прават медицински анализи да видат да не се заразиле. Имаме колективна одговорност во вакви ситуации“, кажа советникот Миле Андоновски од Партијата на пензионерите.

    „Очигледно е дека локалната власт потфрли. Голем дел од граѓаните не знаеја што да прават, која вода да користат, особено за употребата на техничката вода, дали таа смее да се користи за лична хигиена, што е тотално неодговорно“, кажа Александар Јовановски од СДСМ.

    На седницата беше истакнато залагањето на сите служби кои работеа на терен за решавање на проблемот, а посебно на директорот на ЈП „Водовод“ Оливер Стојмановски, за кого сметаат дека бил на висина на задачата и максимално се посветил да го менаџира процесот и да одговори на прашањата на советниците, граѓаните и новинарите.

    Советниците ја повикаа локалната власт од овие настани да извлече поука, да ги детектира слабостите и во случај на наредни вакви неприлики да биде подготвена да ги заштити граѓаните и штетите да бидат помали.

    Куманово остана без вода за пиење по минатонеделното невреме проследено со пороен дожд и град во Липковско, по што дошло до ерозија на земјиштето и се замати водата во акумулациите Липково и Глажња, од каде што Куманово и Липково се снабдуваат со вода за пиење.

    По една недела забрана, водата од вчера се користи за секојдневна употреба без ограничувања, откако анализите во Центарот за јавно здравје Куманово покажаа дека водата од градскиот водовод во Куманово е безбедна за пиење, а тоа го потврди и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира