ДОГОДИНА ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ГРАДИ ПАРК СО 55 ВЕТЕРНИЦИ КАЈ РАДОВИШ И ШТИП, ИНВЕСТИЦИЈАТА ЧИНИ 500 МИЛИОНИ ДОЛАРИ, НАЈАВИ МИЦКОСКИ

    ДОГОДИНА ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ГРАДИ ПАРК СО 55 ВЕТЕРНИЦИ КАЈ РАДОВИШ И ШТИП, ИНВЕСТИЦИЈАТА ЧИНИ 500 МИЛИОНИ ДОЛАРИ, НАЈАВИ МИЦКОСКИВладата својот мандат го почнува со инвестиција вредна 500 милиони долари и приоритет ќе биде енергетска независност на земјата, рече премиерот Мицкоски. (Фото: К. Попов)

    На земјиште меѓу Карбинци, Радовиш и Штип ќе гради парк на ветерници за производство на струја, најавија денеска премиерот Христијан Мицкоски и генералниот директор на „Алказар енерџи“ Даниел Калдерон на презентацијата на проектот во Скопје. Како што рекоа, оваа инвестиција е вредна 500 милиони долари и со неа ќе се зајакне енергетската независност на земјата. Ќе бидат изградени 55 ветерници кои ќе произведуваат еден терават електрична енергија или 20 проценти од потребите на земјава.

    „Потребно е да се завршат некои подготвителни работи и во втората половина на 2025 година ќе почне изграбата на ветерниците. Очекуваме струја да почне да се произведува во 2027 година. Овој парк ќе биде најголем во Западен Балкан и ќе се вработат 630 лица за неговата изградба“, кажа Калдерон на презентацијата на проектот.

    Овој парк ќе биде најголем во Западен Балкан и ќе се вработат 630 лица за неговата изградба, кажа генералниот директор на „Алказар енерџи“ Даниел Калдерон на презентацијата на проектот во Скопје. (Фото: К. Попов)

    Тој не сподели детали околу сопственоста на земјиштето на кое ќе се градат ветерниците и колку ќе се плаќа за користењето.

    Премиерот Мицкоски рече дека новата владата својот мандат го почнува со инвестиција вредна 500 милиони долари и дека приоритет ќе биде енергетска независност на земјата.

    „Овие ветерници ќе произведуваат двојно повеќе струја од тоа што сега го добиваме од ТЕ-ТО. Целта на оваа Влада е од земја увозник да станеме земја извозник на струја“, рече Мицкоски.

    „Алказар енерџи“ е  одржлив инфраструктурен фонд со седиште во Луксембург и фокусиран на проекти за обновливи извори на енергија во обем на комунални услуги на пазарите во развој, со советодавен тим со седиште во Дубаи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира