ПОЖАРОТ КАЈ БИТОЛА Е ГОЛЕМА ЗАКАНА ЗА ЗИМЗЕЛЕНИТЕ ДРВЈА НА ПЕЛИСТЕР И УТРЕ НАШИОТ ФОКУС ЌЕ БИДЕ НАСОЧЕН ТАМУ, РЕЧЕ АНГЕЛОВ

    ПОЖАРОТ КАЈ БИТОЛА Е ГОЛЕМА ЗАКАНА ЗА ЗИМЗЕЛЕНИТЕ ДРВЈА НА ПЕЛИСТЕР И УТРЕ НАШИОТ ФОКУС ЌЕ БИДЕ НАСОЧЕН ТАМУ, РЕЧЕ АНГЕЛОВ

    Пожарот кој денес околу 16 часот избувна во во рекреативната зона Смолево над Тумбе кафe кај Битола е меѓу сериозните и се движи кон Пелистер, рече Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК).

    „Има неколку сериозни пожари врз кои ќе биде интервенирано утре. Пожарот што изби до Битола се движи кон планината Пелистер и претставува голема закана за зимзелените дрвја од Пелистер и нашиот фокус за утре ќе биде насочен овде“, рече Ангелов.

    Дождот кој падна вечерва во Битола помогна во гаснењето, но огнот уште не е ставен под контрола, има жаришта и се движи кон потпелистерското село Буково. Гори борова шума во тешко пристапен терен.

    „Имаме екипи околу целиот терен, но непристапен е да се влезе и гасне внатре, па се чека на некој засек каде има процепи или ливади. Доста е тешко, зашто боровата шума е опасна и не можеме да се доближиме во никој случај. Се движи кон селото Буково, што е доста ризочно“, рече командирот на Територијалната противпожарна единица ( ТППЕ) од Битола, Горан Димковски.

    Градоначалникот на Битола Тони Коњановски на Фејсбук објави дека ТППЕ Битола со сите расположливи сили е на терен и се бори со огнената стихија, доброволците и вработените во јавните претпријатија исто така активно се борат со пожарот.

    Изминатите три дена се водеше битка за да се изгасне пожарот на ридот над обиколницата, а откако тој беше ставен под контрола денес се појави нов.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира