Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека патувањето на син му заедно со него во САД за време на НАТО Самитот го платил од свој џеб. Тој во интервју на Топ тема на телевизија Телма рече дека ќе ги достави сите потребни документи до Антикорупциска комисија за ова патување. Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) на 15 јули отвори предмет по допрен глас за да испита на чија сметка патувал синот на премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон на Самитот на НАТО.
„Навикнат сум 6 години да го напаѓаат моето семејство, сега решија и детето да ми го напаѓаат. Тоа дете не е падното од небо, тоа е мое дете. Јас таму бев поканет со придружба. Антикорупциска го истражува целиот случај и сите потребни документи ќе бидат доставени во текот на утрешниот ден и да почекаме да излезат во јавност да кажат. Ако има и еден милиметар отстапување јас сум подготвен да сносам одговорност. Но, ако не е така, тогаш да ми се извинат, ако не сум погрешил“, рече Мицкоски.
Премиерот Мицкоски кажа дека иако имало можност тоа да не се плати од сопствен џеб сепак се одлучил патот за неговиот син да го плати од сопствени средства и сето тоа ќе биде документирано и доставено до надлежен орган кој ќе каже.
Синот на премиерот Христијан Мицкоски, 18-годишниот Јован Мицкоски, го придружуваше татка си на официјалното патување во САД за Самитот на НАТО во Вашингтон, на кој се одбележаа 75 години од формирањето на Алијансата. Ова беше прво официјално патување на премиерот кој ја предводеше официјалната делагација со неколку министри и соработици. Според фотографијата споделена на социјалните мрежи, снимена на терасата на Институтот за надворешна политика на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ каде премиерот Мицкоски одржа предавање на почетокот на посетата на 8 јули, Јован е во друштво на татка си, на американскиот експерт Едвард Џозеф и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. По Вашингтон, делегацијата престојуваше и во Њујорк.
САКАМДАКАЖАМ.МК на 14 јули се обрати за официјален одговор од Владата за тоа на чиј трошок патувал синот на премиерот Мицкоски, но место Владата со соопштение излезе неговата партија ВМРО-ДПМНЕ и рече дека трошоците се подмирени приватно од семејството Мицксоски. Неколку часа подоцна, како реакција на прес-конференција на СДСМ, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) соопшти дека „за патувањето на Јован Мицкоски не се потрешени средства од Буџетот на Република Северна Македонија“.
Премиерот Мицкоски во интервјуто за Топ тема на Телма кажа и дека од Виена до Вашингтон летал во бизнис класа оти има проблем со колената и ако патува на долг лет во економска класа еден ден нема да може да функционира.
„Кога патував од Виена до Вашингтон и од Њујорк до Виена патував со бизнис класа бидејќи имам проблем со колената и потоа не можам еден ден да бидам функционален бидејќи сум повисок и затоа одбрав така. Но, од Скопје до Виена и од Виена до Скопје бев во економска класа накај излезот за итни случаи. Обично седам на излезот за итни случаи поради тоа што има повеќе простор за нозете, некаде помеѓу 11-иот и 12-иот ред. Кога летав за Лондон седев помеѓу 11-иот и 12-иот ред од седиштата на компанијата ‘Аустријан ерлајнс’. И во минатото сум правел така и во иднина ќе така ќе биде“, објаснуваше Мицкоски во интервјуто на Телма телевизија.
„Ако имавме како држава пристојно летало, еве на самитот на Европската политичка заедница како што имаат сите, како и нашиот сосед Србија, вклучително Орбан, Макрон, Шолц. Толку многу е крадено од оваа држава што една цела флота е однесена. Ќе отидев ќе го завршев самитот и ќе се вратев, јас на три дена бев на пат и постоеше можност да не се вратам поради проблемот кој откажа повеќе од 1000 летови во Европа.“, рече Мицкоски.
А. АНТЕВСКА