ШПАНСКИОТ НОВИНАР ПАБЛО ГОНЗАЛЕС, УАПСЕН ВО ПОЛСКА КАКО РУСКИ АГЕНТ, Е МЕЃУ ОСЛОБОДЕНИТЕ ВО ГОЛЕМАТА РАЗМЕНА МЕЃУ РУСИЈА И САД

    ШПАНСКИОТ НОВИНАР ПАБЛО ГОНЗАЛЕС, УАПСЕН ВО ПОЛСКА КАКО РУСКИ АГЕНТ, Е МЕЃУ ОСЛОБОДЕНИТЕ ВО ГОЛЕМАТА РАЗМЕНА МЕЃУ РУСИЈА И САДПабло Гонзалес (вториот од лево со бричена глава и со брада) беше дел од групата руски агенти-илегалци ослободени во размената со САД, кои во Москва ги пречека претседателот Владимир Путин. (Фото: АП)

    Кога Русија ја нападна Украина во февруари 2022, новинарите од целиот свет се упатија кон полско-украинската граница за да го проследат егзодусот на бегалците кои бегаат од руските бомби. Меѓу нив беше и Пабло Гонзалес, фриленс-новинар од Шпанија, кој беше дописник од Полска од 2019, работејќи за шпанската новинска агенција ЕФЕ, Гласот на Америка и други медиуми.

    Новинарите од Варшава го познаваа како пријателски настроен колега кој сакаше да пие пиво и да пее караоке до рано наутро. Две и пол години подоцна, на 1 август годинава, тој беше испратен во Москва како дел од размена на затвореници меѓу Русија и САД, оставајќи ги зад себе двете мистерии за тоа кој бил навистина и загриженоста за тоа како Полска постапила во случајот во кој тој беше обвинет дека е руски агент.

    Во првите денови од војната, Гонзалес се јавуваше со извештаи за ТВ во Шпанија за бегалците кои пристигнуваа на железничката станица во полскиот пограничен град Пшемисл. Но, неполна недела од војната, полските безбедносни агенти влегле во собата во која тој престојувал и го уапсиле. Тие го обвинија за „учество во странски разузнавачки активности против Полска“ и рекоа дека е агент на ГРУ, руското воено разузнавање.

    Пријателите беа зачудени – и додека Полска го држеше Гонзалес без судење со месеци кои се претворија во години – некои станаа скептични и организираа протести во Шпанија барајќи негово ослободување. Властите никогаш не ги детализираа обвинувањата. Дури и Репортери без граници реагираше против апсењето и бараше или да му се суди или да биде ослободен.

    Но, на 1 август вечерта, крупниот 42-годишник со избричена глава и брада беше пречекан дома од претседателот Владимир Путин, откако беше ослободен во најголемата размена на затвореници од советската ера. Неговото вклучување во договорот се чини дека ги потврдува сомнежите оти Гонзалес бил руски оперативец кој се прикривал како новинар.

    Роден како Павел Рубцов во 1982 во тогашна советска Москва, Гонзалес на 9-годишна возраст заминал во Шпанија со мајка му Шпанка, каде што станал државјанин и го добил шпанското име Пабло Гонзалес Јагуе. Се занимавал со новинарство, работејќи за медиумите „Публико“, „Ла Секста“ и „Гара“, баскиски националистички весник.

    Не е јасно што ја навело Полска да го уапси. Истрагата останува доверлива, а портпаролот на тајните служби изјави за Асошиетед прес дека не може да каже ништо повеќе од она што е во кратката изјава. Полска е во состојба на готовност по низата апсења на осомничени за шпионажа и саботажа, дел од она што властите го сметаат како хибридна војна на Русија и Белорусија против Западот.

    Полските безбедносни служби соопштија дека Полска го вклучила во договорот поради блискиот полско-американски сојуз и „заедничките безбедносни интереси“. Во нивната изјава тие рекоа дека „Павел Рубцов, офицер на ГРУ уапсен во Полска во 2022, извршувал разузнавачки задачи во Европа“.

    Шефот на британската разузнавачка агенција МИ6, сер Ричард Мур, на Безбедносниот форум во Аспен во 2022 рече дека Гонзалес бил „илегалец“ кој бил уапсен во Полска откако „се маскирал како шпански новинар“. Терминот „илегалец“ се однесува на шпиони кои работат под неофицијално покритие, што значи дека немаат дипломатски имунитет.

    „Тој се обидуваше да влезе во Украина за да биде дел од нивните дестабилизирачки напори таму“, рече Мур.

    Друго навестување за неговите активности дојде од независниот руски медиум „Агентство“, кој објави дека во 2016 Рубцов се спријателил и ја шпионирал Жана Немцова, ќерката на рускиот опозициски лидер Борис Немцов, кој беше убиен во Москва во 2015.

    Новинари од Полска кои го познавале Гонзалес рекоа дека тој ја користел својата база во Полска за да патува во поранешните советски земји, вклучувајќи ги Украина и Грузија. Тој имал дозвола за управување со дрон и го користел за снимање на Аушвиц-Биркенау од воздух за известување од 75-годишнината од ослободувањето на логорот на смртта во 2020.

    Гласот на Америка, организација финансирана од владата на САД, потврди дека тој кратко работел за нив, но по апсењето во Полска ги отстраниле сите негови текстови од нивната веб-страница.

    Јап Ариенс, холандски видеоновинар со седиште во Варшава, се дружел со човекот што го познавал како Пабло во Варшава и Киев, како и во Пшемисл непосредно пред неговото апсење. Ариенс го опиша како пријателски расположен, смешен човек со мачо однесување и граден кош покриен со тетоважи кои некогаш ги покажал во бар. Гонзалес главно се вклопуваше, но изгледаше подобро од просечниот фриленс новинар. Се чинеше дека секогаш ги има најновите и најскапите телефони и компјутери, работејќи на границата меѓу Полска и Украина со најновиот 14-инчен „макбук про“. Имаше многу пари за трошење во кафеани. Ариенс се присети дека Гонзалез еднаш рекол: „Животот е добар, животот е речиси премногу добар“.

    „И си помислив: „Човече, хонорарскиот живот никогаш не е премногу добар. Што зборуваш? Не познавам ниту еден хонорарец што зборува вака“, вели Ариенс.

    Гонзалес, чиј дедо емигрирал од Шпанија во Советскиот Сојуз како дете за време на Шпанската граѓанска војна, бил познат како баскиски националист со врски со движењето за независност на регионот. Русија е осомничена дека ги поддржува сепаратистичките движења во Шпанија и на други места во обид да ја дестабилизира Европа.

    Сопругата на Гонзалес во Шпанија се залагала во негово име за време на неговиот притвор во Полска, иако тие не живееле заедно во моментот на неговото апсење. Во текот на изминатите години, поддржувачите имаа профил на Твитер, сега X, и се залагаа за негово ослободување. Кога руската влада објави дека Павел Рубцов пристигнал во Москва на 1 август, профилот @FreePabloGonzález твитна: „Ова е нашиот последен твит: Пабло конечно е слободен. Бескрајна благодарност до сите”.

    Оние кои го следеа случајот сега ги чекаат неговите следни потези. Тој има шпанско државјанство – и право да се врати во Европската унија. Неговата сопруга беше цитирана во шпанските медиуми дека се надева оти тој може да се врати во Шпанија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира