Валидаторите за билети поставени на задната врата во автобусите на ЈПС „Скопје“ не работат. Апаратите за плаќање се завиткани со црни кеси и патниците можат да го поништат билетот само на валидаторот поставен на предната врата. Тоа создава дополнителни гужви во автобусите кои и така ги нема, а кога ќе дојдат се преполни со патници.
Директорот на ЈСП „Скопје“ Драги Кушовски не знаеше зошто сега на десет дена пред почетокот на учебната година, кога во јавниот превозот ќе има поголем број патници, не работат валидаторите.
„Можно е да не работат бидејќи треба да се прави надградба на системот. Но, ќе проверам и ќе ви јавам“, ни рече Кушовски, но одговор не добивме.
ЈСП „Скопје“ во мај годинава склучи договор од 2,3 милиони евра за надградба на системот за автоматска локација на автобусите и за евиденција на патници во реално време. Договорот е склучен со друштвото за производство, трговија и услуги „Аитоникс“ од Скопје и е во траење од две години.
Во јавниот превоз во Скопје има недостаток на возила, па затоа за да се пополнат линиите, пуштени се и панорамските двокатни автобуси. Но, и покрај тоа, во јавниот превоз, кој моментално се одвива по летен возен ред, недостасуваат автобуси. Проблемот ќе биде поголем од септември, кога со почетокот на учебната година почнува и зимскиот возен ред, за кој се потребни повеќе автобуси.
Директорот на ЈСП „Скопје“ Кушовски пред пет дена потврди дека во моментов има недоволен број автобуси за пополнување на возниот ред.
„Возниот ред се менува во зависност од тоа со колку автобуси располага ЈСП на дневна основа. Претпријатието се соочува со недостиг од 40 автобуси за пополнување на летниот возен ред. Во моментов, ЈСП располага со околу 190 автобуси, а за да биде пополнет летниот возен ред, потребни се 235“, вели Кушовски.
Со доаѓањето на функција на градоначалничката Данела Арсовска јавниот превоз во главниот град е пред колапс. Постојано нема доволно автобуси на улиците, па патниците со саати чекаат на станиците. Приватните превозници одбиваат да возат бидејќи не им се плаќа, а шоферите од претпријатито обвинија дека автобусите се неисправни, па поради тоа се случуваат сообраќајни несреќи.
Арсовска дојде на функцијата со ветувањето за бесплатен автобуски превоз за сите граѓани и нови 250 еколошки автобуси.
А. АНТЕВСКА