УЧЕНИЦИ И СТУДЕНТИ МОРА ДА ПЛАТАТ 50 ДЕНАРИ ЗА ВЛЕЗ ВО НОЌЕН АВТОБУС НА ЈСП „СКОПЈЕ“, КОНТРОЛОРИТЕ НЕ ГИ ПРИЗНАВААТ МЕСЕЧНИТЕ КАРТИ

    УЧЕНИЦИ И СТУДЕНТИ МОРА ДА ПЛАТАТ 50 ДЕНАРИ ЗА ВЛЕЗ ВО НОЌЕН АВТОБУС НА ЈСП „СКОПЈЕ“, КОНТРОЛОРИТЕ НЕ ГИ ПРИЗНАВААТ МЕСЕЧНИТЕ КАРТИНа видеата кои се објавуваат на социјалните мрежи учениците и студентите им објаснуваат на контролорите дека имаат слободни карти, но тие им велат дека навечер не им важат и не им дозволуваат да се качат во автобусот. (Фото: Принтскрин од видео на Икс)

    Контролори на ЈСП „Скопје“ навечер се возат во автобусите и не дозволуваат патниците да се качат ако не платат ноќен билет од 50 денари. Не им се дозволува влез ниту на средношколците и студентите кои имаат месечни бесплатни карти за возење додека трае учебната година.

    Станува збор за ноќните линии после полноќ, кога младите се враќаат дома. На видеата кои се објавуваат на социјалните мрежи учениците и студентите им објаснуваат на контролорите дека имаат слободни карти, но тие им велат дека навечер не им важат. Учениците велат дека немаат друг начин да стигнат дома, но и покрај тоа не им се дозволува влез во автобусот. На станиците се создава хаос, учениците пробуваат да влезат во автобусот, но контролорите ги буткаат и не им дозволуваат да се качат.

    Досега никогаш не се случило во ноќните линии, за кои билетот е 50 денари, да се возат контролори, да стојат на вратите и да бараат билети да купат учениците и студентите за кои има одлука за бесплатен автобуски превоз.

    Директорот на ЈСП „Скопје “ Драги Кушовски не одговари на телефонските повици и пораки во кои го прашавме зошто се воведуваат вакви мерки кои удираат врз учениците и студентите, кога ниту едно раководство досега не барало тие да плаќаат за ноќните линии.

    Градоначалничката Данела Арсовска на изборите победи со ветувањето за бесплатен автобуски превоз за сите граѓани. Но, тоа ветување не само што не се оствари туку на улиците нема доволно автобуси па патниците чекаат со саати.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира