ЈАВНОСТА ЌЕ БИДЕ ИНФОРМИРАНА КОГА ЌЕ СЕ СПРЕМИ РЕШЕНИЕ ЗА ЕУ, ВЕЛИ ВЛАДАТА ЗА БАРАЊЕТО НА ФИЛИПЧЕ ЗА СОБРАНИСКА СЕДНИЦА

    ЈАВНОСТА ЌЕ БИДЕ ИНФОРМИРАНА КОГА ЌЕ СЕ СПРЕМИ РЕШЕНИЕ ЗА ЕУ, ВЕЛИ ВЛАДАТА ЗА БАРАЊЕТО НА ФИЛИПЧЕ ЗА СОБРАНИСКА СЕДНИЦАФилипче повика да се свика собраниска седница на која премиерот Христијан Мицкоски ќе ги каже плановите на Владата за евроинтегративниот процес на државата. (Фото: СДК.МК)

    Јавноста ќе биде информирана кога ќе се подготви решение за евроинтеграциите, рече портпаролката на Владата Марија Митева на денешната прес-конференција, откако претседателот на СДСМ Венко Филипче утринава кажа дека дека во Владата има спротивставени ставови за евроинтегративните процеси на Македонија и повика да се свика собраниска седница на која премиерот Христијан Мицкоски ќе ги каже плановите за евроинтегративниот процес на државата.

    На новинарско прашање дали Владата ќе преземе обврска да испрати информација околу евроинтеграциите по повикот на Филипче, Митева одговори: „Ги слушнавме изјавите односно повикот за информирање на Собранието. Од она што беше презентирано пред јавноста и од страна на министерот за европски прашања Орхан Муртезани и од премиерот, секако дека кога ќе се подготви едно такво решение, прво јавноста ќе биде информирана. Не станува збор за нешто што ќе се држи во тајност. Посветеноста на Владата во однос на евроинтеграциите и евроинтеграцискиот пат е секогаш отворена пред граѓаните. Се согласувам дека за истото кога ќе се создадат услови ќе биде информирана јавноста“.

    Министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ Орхан Муртезани вчера изјави дека Брисел не гледа со голем оптимизам за предлогот на Владата за уставни измени со одложено дејство, но дека не го отфрлува целосно.

    „Во неколку наврати јавно имам кажано дека тој предлог не се гледа со голем оптимизам во Брисел, меѓутоа не се отфрла целосно“, кажа Муртезани.

    Премиерот Мицкоски во интервју на јавниот сервис МРТ на 7 октомври кажа дека предлага преговарачката рамка со Европската унија да биде направена по урнек на Преспанскиот договор, што значи дека Бугарите ќе бидат внесени во македонскиот Устав, но тоа ќе важи кога Бугарија ќе го ратификува нашиот прием во ЕУ, на ист начин како што Грција прва го ратификуваше приемот на Северна Македонија во НАТО.

    „Нашиот став околу одложеното дејство не е ништо повеќе од формула која функционирала како што е Преспанскиот договор кој велеше дека амандманите ќе станат ефективни кога грчкиот парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за државава во НАТО. Велат дека Преспанскиот договор бил ремек дело на дипломатијата, ајде тогаш тоа да го реплицираме тоа, уставните амандмани да важат кога Бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор за ЕУ. Ако е тоа добро, само да го копираме и примениме, рече Мицкоски.

    На новинарско прашање за најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе се праќа писмо со идеи во ЕУ за решавање на ова прашање, министерот за европски прашања Муртезани рече дека овие најави на премиерот се всушност изнаоѓање нови решенија кои што се во фаза на интерни разговори во Владата.

    Министерот вели дека досега нема финален предлог, меѓутоа и да има таков, нема да се брзаат да го објават пред да бидат завршени изборите во соседна Бугарија.

    За содржината на писмото што би било испратено до европските институции, Муртезани вели дека моментално не е разговарано за содржината, или што точно ќе содржи.

     

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира