МИЦКОСКИ ПРЕДВОДИ СЕКТАШКО МЕНТАЛНА ВЛАДА, ВЕЛИ АРСОВСКА ОТКАКО ГРАД СКОПЈЕ НЕ ДОБИ ПАРИ ЗА НИЕДЕН ПРОЕКТ

    МИЦКОСКИ ПРЕДВОДИ СЕКТАШКО МЕНТАЛНА ВЛАДА, ВЕЛИ АРСОВСКА ОТКАКО ГРАД СКОПЈЕ НЕ ДОБИ ПАРИ ЗА НИЕДЕН ПРОЕКТДанела Арсовска на локалните избори во 2017 година беше кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ. (Фото: Фејсбук)

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска денеска го нарече премиерот Христијан Мицкоски суетен и рече дека предводи Влада со „секташко ментална состојба“. Реакцијата на Арсовска следи откако Владата не прифати ниту еден од 20 проекти со кои Град Скопје аплицираше на повикот за помош на Општините. Одбиени се и проектите на Општините Струмица, Сарај и Теарце оти не ги исполнувале условите.

    Арсовска вели дека на Мицкоски суетата му е поважна од која било потреба на граѓаните, а со неистомислениците се пресметува со сегрегација и политички прогон, докажувајќи дека нема никаков демократски ни лидерски капацитет.

    „Спротивно на ветувањата дека од средствата од унгарскиот кредит ќе се финансираат проекти во сите општини, без разлика на политичката определба на раководствата на локалните самоуправи, со вчерашната одлука се потврди за неточна. Единствено се потврди очекуваното секташко однесување на Мицкоски кое е насочено кон пресметки со неистомислениците и за кој државата,  граѓаните и нивните потреби се очигледно на последно место“, вели Арсовска.

    Градоначалничката вели дека Градот за сите 20 проекти имал целосна документација, за разлика од други Општини кои добиле пари, а не ги исполнувале условите.

    На вчерашната седница на Владата биле потврдени 270 проекти во државата во рамките на владиниот проект за капитални инвестиции во општините. Премиерот Христијан Мицкоски денеска во тетовското село Радиовце рече дека дека на Струмица, Сарај, Теарце и Скопје не им биле одобрени проектите поради грешки во аплицирањето, но дека рокот за доставување на проектите ќе биде продолжен до 15 ноември и се надева оти дотогаш и овие четири Општини ќе ги поправат грешките и ќе можат да добијат пари за предвидените проекти.

    На седницата било утврдено дека Општините Струмица, Теарце, Сарај и Скопје ќе треба да извршат корекции во предложените проекти ако сакаат да добијат од средствата за оваа намена.

    „Мислам дека Општина Струмица не доби затоа што конкурираше со проект кој што веќе е почнат и проект кој што има избран изведувач и е во тек. Апелирам до раководството на Општина Струмица да ја искористи можноста до 15 ноември да поднесе нови проекти кои што ќе може да ги финансираме. Општина Теарце поднесе проекти преку приватна имејл адреса, па го повикувам градоначалникот да постапи како и сите други 79 градоначалници. Од Општина Сарај имаме поднесено некомплетна документација и очекувам до 15 ноември и ова да биде отстрането. Скопје конкурираше со проекти кои се некомплетни и бараат автобуси и средства за одржување на улиците, а истовремено имаат од Владата пренесено околу 10 милиони евра кои стојат на сметката за една капитална инвестиција, а тоа е булеварот Хасан Приштина на кој кој веќе 2 години ништо не е направено“, рече Мицкоски.

    Данела Арсовска на локалните избори во 2017 година беше кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалничка на Скопје. Кавгата меѓу нив почна во 2022, кога Арсовска го разреши тогашниот директор на „Водовод и канализација“ Златко Перински, кој сега во Владата на Мицкоски е министер за локална самоуправа.  Арсовска тогаш рече дека им го „фатила рачето во медот“ и затоа не им чини.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира