65 МИЛИОНИ ЕВРА ЧИНЕШЕ РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО НОВИ САД КАДЕ ШТО НАСТРАДАА 14 ЛИЦА

    65 МИЛИОНИ ЕВРА ЧИНЕШЕ РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО НОВИ САД КАДЕ ШТО НАСТРАДАА 14 ЛИЦАСамо во зградата на железничката станица во Нови Сад се инвестирани вкупно 16 милиони евра. (Фото: Пиксел)

    Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, во јули годинава изјави дека е реконструирана и е во функција новосадската железничка станица. Вчера, точно четири месеци подоцна се урна дел од настрешницата пред влезот на станицата, а животот го загубија 14 лица. Меѓу загинатите е и еден македонски граѓанин. Според списокот на загинати, објавен од српските медиуми, станува збор за 45-годишниот Васко Саздовски.

    За реконструкцијата, Весиќ тогаш рече и дека за работите се инвестирани вкупно 65 милиони евра и дека меѓу другото се изградени нови платформи, а бројот на патеки е зголемен од девет на 12.

    Реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад беше најавена во октомври во 2021 . Тогаш од Железничката инфраструктура на Србија соопштија дека на железничката станица во Нови Сад се во тек подготвителни работи за реконструкција на станицата.

    Најавено беше дека ќе се реновираат првите три станици, како и 10. и 11. колосек, а потоа ќе се изгради нова платформа и настрешница, обнова на подови, ѕидови и покрив, како и енергетско реновирање на објектот, замена на фасадата и столарија.

    Неколку часа по несреќата во Нови Сад, Министерството соопшти дека урнатата настрешница не е дел од реконструкцијата.

    „Настрешницата што падна не беше дел од реконструкцијата како дел од реновирањето на објектот кој е дел од градежниот проект на брзата линија Нови Сад – Суботица. Во рамки на реконструкцијата направена е внатрешноста на станицата, покривот и фасадата над и под настрешницата“, рекоа од градежната фирма.

    Зградата на Железничката станица во Нови Сад беше официјално отворена во јули годинава. Министерот Весиќ тогаш рече дека во функција е последниот дел од железничката станица во Нови Сад, кој е наменет за патници. Само во зградата на железничката станица во Нови Сад се инвестирани вкупно 16 милиони евра.

    „За жал, прогнозите беа песимистички од самиот почеток, земајќи ја предвид тежината на конструкцијата и сериозноста на настанот. Работеа 77 спасувачи, 15 екипи на брзата помош. Превезени се само три лица, тие се повредени, сите други се мртви на лице место“, рече Министерот за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ.

    „Девојките кои се родени во 2001 и во 2008  преживеаја. Обвинителството и полицијата идентификуваа 13 лица. Настрадаа дедо и две внуки, едната родена во 2014 година, а другата во 2018 “, додаде тој.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира