Во Основниот суд Куманово денеска започна судењето на Вангелица Илиевска (36) од Кратово, обвинета за двојно убиство со умисла на сопругот и свекорот, во нивната куќа во Кратово. Според обвинението, Илиевска на 13 јуни годинава, во 21.30 часот, во семејната куќа во Кратово при вршење семејно насилство со умисла ги убила нејзиниот сопруг Јован и свекорот Стојан.
Критичната вечер, додека таа била на горниот кат на куќата, во дневната соба и кујната дошол нејзиниот сопруг и започнале вербална расправија, а потоа физички ја нападнал удирајќи ја со тупаници по главата и телото. Во моментот кога со рацета ја фатил за вратот, таа пружила рака и од кујната зела нож, со кој му нанела два убода во пределот на градите и стомакот. Додека нејзиниот сопруг се уште стоел на нозе и се борел со неа, во собата влегол нејзиниот свекор и обвинетата со истиот нож двапати го пробола во пределот на градите и срцето. По задобивање на втората убодна рана, тој се одалечил неколку чекори и паднал мртов. Вангелица продолжила да се бори со сопругот во ходникот, успеала да се отргне од него и се вратила во кујната и зела друг нож, го пробола во грбот, по што тој починал. Поради тоа се товари дека извршила кривично дело двојно убиство со умисла.
Пред судот, обвинетата Илиевска кажа дека го разбира обвинението, но не го прифаќа кривичното дело и вината за кое што е обвинета, туку признава дека дејствувала во самоодбрана.
Адвокатот на одбраната Кристијан Георгиевски од Куманово, кажа дека Илиевска делото го сторила во нужна одбрана, бидејќи повеќе од 10 години била жртва на семејно насилство, а теророт на физичко и психичко малтретирање од сите членови на семејството го трпела само поради децата. Тој наведе дека во целиот случај затаиле и институциите, бидејќи иако повеќепати барала помош од полицијата и Центарот за социјални работи, никој не ѝ помогнал. Поради тоа, кога била нападната немала друг избор туку да посегне по најблиското средство за да се одбрани. Таа досега не била осудувана.Адвокатот кажа дека нејзиниот сопруг Јован бил често во алкохолизирана состојба, а семејното насилство се случувало пред децата. Поради овие факти тој тврди дека двете убиства се извршени во самоодбрана, а тоа ќе го докаже во постапката со доказите и стручните мислења.
На главната расправа беа сослушани сведоците на обвинителството, свекрвата Славица Илиевска и соседот Панче Атанасовки.
Славица кажа дека била во приземјето на куќата кога се случило убиството, а тоа што го знае ѝ го ракажал нејзиниот внук и соседот Панче, кој прв ги видел последиците од крватата пресмека во куќата. Според неа, нејзиниот сопруг Стојан се качил на катот затоа што помалото девојче го викало, бидејќи мајка му го удрила татко му со кофа за дрва по главата и тој паднал. Таа призна дека со снаате не била во најдобри односи, но тврдеше дека син ѝ не е алкохоличар, ниту ја тепал сопругата. Таа се придружи на кривичното гонење на Вангелица и побара оштета од обвинетата.
Соседот Панче, кога отишол во куќата по повик на детето, ги нашол сите тројца во ходникот. Стојан веќа бил мртов, а Јован се борел со Вангелица, по што му кажал: „Комшо, помагај да ѝ го земеме ножот“. Откако ѝ го зел ножот се спуштил на првиот кат да го остави и повикал полиција и брза помош. Кога повторно се вратил Вангелица одела кон собата, а Јован бил мртов и кога ја прашал што направила, таа му кажала „Се борев со двајца“. Тој тврдеше дека Јован не се однесувал насилно, а дека имале проблеми во бракот дознал од тоа што дома доаѓале полиција и социјални служби. Пред повеќе години, Јован му се пожалил дека Вангелица има психички проблеми, по што тој го советувал да оди на психијатар, а подоцна му кажал дека работите се средиле.
На рочиштето беа изведени и писмени докази, а наредното е закажано за 20 декември. На обвинетата ѝ е продолжен куќниот притвор.
С. НИКОЛИЌ