ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА САЛАТА „РАСАДНИК“, ВЛАДАТА НА ВМРО-ДПМНЕ ВО 2002 ЈА ДАДЕ НА ФИРМАТА „ИМПЕРИАЛ ДАНЕЛА“ И ЈА УНИШТИ

    ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА САЛАТА „РАСАДНИК“, ВЛАДАТА НА ВМРО-ДПМНЕ ВО 2002 ЈА ДАДЕ НА ФИРМАТА „ИМПЕРИАЛ ДАНЕЛА“ И ЈА УНИШТИПартијата СДСМ во изборната кампања за градоначалник на Скопје во 2021 година објави документи дека фирмата „Империал Данела“ која ја уништи салата е на градоначалничката Данела Арсовска. (Фото: СДК.МК)

    Денеска почна реконструкцијата на спортската сала „Расадник“ во скопска Кисела Вода. Реконструкцијата ќе чини околу два милиона евра, а парите се обезбедени од Министерството за спорт. Градежните работи ќе траат 15 месеци.

    Ова е еден посебен момент, бидејќи нешто што со децении е оставено да пропаѓа, сега започнува да се реновира, да се реконструира и да добива еден современ, модерен лик. Салата ‘Расадник‘ ќе биде дом на многу спортски клубови, меѓу кои и на ракометниот клуб ‘Вардар‘“, рече министерот за спорт Борко Ристовски.

    Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски кажа дека оваа сала е доказ за 30 години наназад како не функционирал системот во нашата држава и како многу ветувале, а ништо не реализирале.

    Општина Кисела Вода ја доби во владение салата во 2023 година. Претходно, 20 години стоеше руинирана и запустена откако во 2002 година од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ кога премиер беше Љубчо Горгиевски беше дадена под концесија на фирмата „Империал Данела“ . 

    Партијата СДСМ во изборната кампања за градоначалник на Скопје во 2021 година објави документи дека управител на фирмата „Империал Данела“ е Данела Арсовска. Тогаш од партијата кажаа дека фирмата имала долгови за кирија кон државата од околу 130.000 евра, и за струја од над 50.000 евра. Арсовска беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и стана градоначалничка, но приказната за салата „Расадник“ остана неоткриена.

    Таа тогаш се закануваше дека ќе тужи, а денеска, како градоначалничка, вообичаено не одговара на новинарски прашања кои не ѝ се допаѓаат.

    Според документите до кои дојде САКАМДАКАЖАМ.МК и објавениот текст во април 2023, салата е издадена под закуп во 2002. Договорот е склучен меѓу Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на државата и фирмата „Империал Данела“. Во договорот стои дека објектот се доделува на користење на 25 години односно од 1 јануари 2002 до 31 декември 2026, а месечната кирија е 1.000 евра.

    На 25 септември 2002 склучен е и анекс на договорот, со кој фирмата „Империал Данела“ го добива под закуп и дворот околу салата со површина од 7.800 метри квадратни. Со анексот се предвидува изградба на хотел со 24 легла, пет терени за сквош, фитнес центар, базен и 15 бунгалови. Но, не само што овие услови од договорот не се исполнети, туку салата е уништена и оставена со долгови за неплатени кирии и сметки за струја.

    Владата за првпат за салата расправала во 2019, кога се носи одлука да се додели на Општина Кисела Вода. Од јавното претпријатие по ваквата одлука на Владата испраќаат покани до фирмата „Империал Данела“ да се изврши примопредавање на објектот, да се подмират сите долгови и да се направи увид во каква состојба е објектот. Но, одговори од фирмата не добиваат.

    На крај, Општина Кисела Вода лани во мај ја добива салата од Владата, но тогаш долговите уште не беа расчистени.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира