Со скандирање ,,сакаме воздух” и ,,што ни дишат децата” денеска скопјани протестираа барајќи од властите мерки против загадувањето. Протестот почна пред Министерството за животна средина, продолжи пред Собранието и Владата. Учесниците на протестот кажаа дека властите се менуваат, но никој ништо не презема против загадувањето.
„Ние имаме работа со неразумни политичари. Функционерите многу често кажуваат дека загадувањето не се решава преку ноќ. Дали ви се верува дека првата мерна станица на улица Македонија е поставена пред 14 години? Оттогаш поминаа 5.100 ноќи, но ништо не е решено, па колку ноќи им треба? Велат немале магично стапче да го решат загадувањето. Сите знаеме дека лажат. Има магично стапче, тоа се вика буџет на државата, во кој пари за решавање на загадувањето нема. Над 6 милијарди евра ќе биде буџетот за 2025 година, а за решавање на загадувањето – нула. Буџетот е наменет за тендери за купување нафта од нивните другари. Над 700 институции секоја година трошат над 20 милиони евра за да купат нафта и да го загадат воздухот. Значи, тие што треба да не’ штитат тие не’ трујат со наши пари“, рече Јане Димевски, советник во Општина Центар од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.
Учесниците на протестот рекоа дека сите истражувања и мерки кои се направени досега за загадениот воздух се со странски пари, а државата нема намера да издвои средства за овој проблем.
А. АНТЕВСКА