УТРЕ 15 ЧАСА ЌЕ НЕМА ВОДА ВО СКОПЈЕ, ОД „ВОДОВОД“ ВЕЛАТ ДЕКА ОВОЈ ЗАФАТ Е ВАЖЕН ЗА ДА НЕМА ПРОБЛЕМИ СО ВОДОСНАБДУВАЊЕ

    УТРЕ 15 ЧАСА ЌЕ НЕМА ВОДА ВО СКОПЈЕ, ОД „ВОДОВОД“ ВЕЛАТ ДЕКА ОВОЈ ЗАФАТ Е ВАЖЕН ЗА ДА НЕМА ПРОБЛЕМИ СО ВОДОСНАБДУВАЊЕОд вчера се вршат подготвителни активности на локациите каде што ќе се интервенира. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Утре, 21 декември, во Скопје ќе нема вода 15 часа поради санација на главниот водовод. Од ЈП „Водовод и канализација“ соопштија дека на овој голем зафат ќе работат сите тимови на претпријатието и дека е потребен за да нема проблеми со водоснабдувањето во градот. Велат дека е  изготвен оперативен план со кој се предвидува прецизна постапка за овој зафат со цел брзо и ефикасно завршување.

    „Во текот на утрешниот ден предвидени се активности за санација и децениски задоцнета модернизација на главниот градски водовод. Главна цел на овој оперативен план е подобрување на водоснабдувањето и притисокот во Општините Ѓорче Петров и Карпош, со репарација на 6 сегменти каде во изминати децении се нотирани огромни загуби на вода. Акцијата е предвидена  на 21 декември, односно сабота со почеток во раните утрински часови кога сите екипи на секторите ЕОК, механизација и водовод ќе бидат на предвидените локации. Се очекува оваа операција да заврши за помалку од 15 часа во кои најмногу време се одвојува за празнење и полнење на магистралниот водовод“, соопштија од ЈП „Водовод и канализација“.

    Како што соопштија пред три дена од претпријатието, вода ќе имаат само населбите од левата страна на реката Вардар, односно Чаир, Бутел, Радишани, Пластичарска улица до Американска амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда висока зона, Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шутка, Топанско Поле, Новоселски Пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански Двор, Волково и Орман. Останатите корисници ќе бидат без вода.

    Ќе се затвари главниот градски цевковод Ф1600мм поради санација на 5 затварачи по должина на оваа линија на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булевар Партизански одреди со улицата Никола Парапунов. Како што соопштија од претпријатието ќе се изврши замена на нефункционален затварач Ф400мм на кружен тек во Ѓорче Петров, репарација на затварач Ф600мм на мост Обединети нации кој тече, заптивање на затварач Ф700мм на булевар Партизански Одреди кој протекува и замена на затварач Ф150 кој се наоѓа во истата шахта, санација на затварач Ф700мм и Ф500мм на улица Никола Парапунов и.замена на 4 водушни вентили.

    „Во процесот на активности сектор Водовод првично ќе направи проверка за исправноста на воздушните вентили, испусти и хидранти поставени по должината на цевководот Ф1600мм. По утврдување на состојбата и констатирање на нивната исправност сектор Водовод со екипи составени од 6 пункта носители на работата со обезбедена помош на конкретни работници од други пунктови ќе обезбеди сигурно празнење и полнење на системот“, додаваат од „Водовод“.

    Од „Водовод“ велат дека овој сериозен зафат се превзема за да се пспречат дефекти како што се тие во Тетово, Битола, Штип и Неготино, каде со денови и недели немаше вода поради несанирани дефекти.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира