САНАЦИЈАТА Е ПРИ КРАЈ, ПУШТЕНА Е ГЛАВНАТА ЦЕВКА И ЗА НЕКОЛКУ ЧАСА СКОПЈЕ ЌЕ ИМА ВОДА, ВЕЛАТ ОД „ВОДОВОД“

    САНАЦИЈАТА Е ПРИ КРАЈ, ПУШТЕНА Е ГЛАВНАТА ЦЕВКА И ЗА НЕКОЛКУ ЧАСА СКОПЈЕ ЌЕ ИМА ВОДА, ВЕЛАТ ОД „ВОДОВОД“Во моментов се работи на завршување на последната постапката за реконструкција на затварач Ф700 на улица Никола Парапунов, за што не е потребно затворање на главната цевка. (Фото: Водовод и канализација)

    Пуштена е водата во главаната водоводна цевка во Скопје и за неколку часа ќе има вода во домовите, велат од ЈП „Водовод и канализација“. Од претпријатието информираат дека активностите се во завршна фаза односно поправени се дефектите кај Порта Влае, мост Обединети нации и на булевар Партизански одреди во Карпош 4, за што беше потребно затворање на главната цевка.

    Во моментов се работи на завршување на последната постапката за реконструкција на затварач Ф700 на улица Никола Парапунов.

    „Овој зафат се одвива независно од останатите и за него не е неопходно затворање на главниот довод. Затоа полнењето на главната цевка веќе е започнато и се очекува притисокот да се стабилизира за неколку часа“, велат од ЈП „Водовод и канализација“.

    Од Институтот за јавно здравје апелираат граѓаните да не ја пијат веднаш водата по нејзиното пуштање во водоводната мрежа зашто контактното време на резидуалниот хлор и водата во мрежата може да потрае и до 1 час. Може да се очекува водата за пиење по пуштањето во водоводната мрежа да ја промени бојата, добие невообичаен мирис, да има видлива заматеност или евентуално ситни зрнца или песок.

    „Непосредно после доаѓањето на водата во водоводните цевки во домовите, потребно е да се испуштат сите чешми во домот да истечат неколку минути, па да се провери дали органолептичките својства се во ред, па дури потоа да се пие. Најдобро е во текот на првите часови после пуштањето на водата во водоводната мрежа, граѓаните сè уште да консумираат пакувана вода, сè до добивањето на известување од јавното претпријатие дека водата е исправна и безбедна за консумација“, велат од Институтот за јавно здравје.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира