ЦЕНАТА ЗА МЕТАР КВАДРАТЕН ВО ОХРИД ДОСТИГНА ДО РЕКОРДНИ 4.000 ЕВРА, НАЈЧЕСТО КУПУВААТ СКОПЈАНИ И СТРАНЦИ

    ЦЕНАТА ЗА МЕТАР КВАДРАТЕН ВО ОХРИД ДОСТИГНА ДО РЕКОРДНИ 4.000 ЕВРА, НАЈЧЕСТО КУПУВААТ СКОПЈАНИ И СТРАНЦИНајчесто, вакви станови се градат и нудат на Кеј Македонија, или во непосредна близина на езерското шеталиште во Охрид. (Фото: СДК.МК)

    Цената на новоизградените станови и станбените објекти во градба долж крајбрежјето и во центарот на Охрид достигна рекордни 4.000 евра за метар квадратен. Во новоградбите во централното градско подрачје, како најатрактивни локации, метар квадратен станбен простор моментално може да се купи и по цена од 1.500 до 3.000 евра.

    Во останатите делови на Охрид, како Охридати, Билјанини Извори, Бејбунар, кај меѓуградската автобуска станица, урбаните заедници Лескајца, Воска и 7 Ноември, цените се нешто пониски и се движат од 1.200 до 1.500 евра за метар квадратен станбена површина.

    Становите кои се продаваат во постарите објекти, зависно од локацијата и нивната состојбата во која се наоѓаат, можат да се најдат од 1.000 евра па нагоре.

    Според искуството и анализите на Агенциите за недвижности, побарувачката на станови во Охрид далеку ја надминува понудата, што секако се рефлектира на пораст на цените.

    „Цената на метар квадратен станбен простор во централното градско подрачје на Охрид се движи од 1.000 до 4.000 евра во новоизградените објекти и зградите во градба. Најчесто, вакви станови се градат и нудат на Кеј Македонија, или во непосредна близина на езерското шеталиште во Охрид, и во популарните туристички населби на охридската ривиера, Свети Стефан, Лагадин, Елешец и Пештани“, вели Наташа Спасеска, сопственичка на Агенцијата за недвижности „Капитал“ од Охрид.

    Спасеска вели дека од 2020 година до денес цената по метар квадратен е зголемена двојно, но и покрај тоа атрактивноста на Охрид ја зголемува побарувачката за купување недвижнини покрај езерото и во градот чии природни убавини се заштитени од УНЕСКО.

    „Според нашите проценки, врз основа на анализа и споредба на понудата и продажбата во изминатите години, во споредба со 2020 година на пандемиската криза, сега цените на становите во Охрид се покачени за околу 100 отсто, или се двојно повисоки. На овој драстичен пораст на цените влијае општата клима во сферата на недвижности кај нас и на глобално ниво, инфалициските движења, значајниот пораст на цените на градежните материјали, недостатокот на работна сила и огромната побарувачка на станови во Охрид, наспрои ограничената понуда“, додава Спасеска.

    Најголем интерес има за становите кои имаат помала квадратура, а купениот имот најчесто се користи за одмор, туристички престој, но и за семејно домување во пензионерските денови.

    „Најбарани се становите со површина од 30 до 50 метри квадратни, кои освен за живеење, најчесто се користат како викенд станови за одмор и времен туристички престој. Овие станови се помалку застапени во понудата, па и најбрзо се продаваат. Најбарани за купување се становите и апартманите на поатрактивните локации како централното урбано јадро на Охрид и долж охридската ривиера, во близина и со поглед кон Охридското Езеро, како што е хотелско-туристичката зона кај Билјанините Извори“, велат од Агенцијата за недвижности „Капитал“, Охрид.

    Следејќи ги светските трендови во градежништвото, архитектурата и на пазарот на недвижности, и во Охрид веќе се градат и репрезентативни, елитни, луксузни објекти и ресорти со апартмани за продажба, на ексклузивно ниво, на премиум атрактивни локации во близина на Охридското Езеро. Најчесто купувачите се од Скопје и од другите делови на Македонија, иселениците од дијаспората како и странските државјани.

    „Продолжува трендот на купување на станови и куќи во Охрид од странските државјани, за кои овој град и охридската ривиера се сè поатрактивна дестинација за алтернативно одморалиште и за живот во пензионерските години. Меѓу странските купувачи на станови и куќи кај нас, доминираат традиционалните вљубеници во Охрид Холанѓаните, како и купувачите од Германија и скандинавските држави, но имаме купувачи и од други земји. Секако, купувачи на становите во Охрид се и жителите на нашиот град, за нивните потреби за домување“, кажува Спасеска.

    Според статистичките податоци на агенцијата „Капитал“, во текот на 2024 година, од вкупниот број купувачи на станови над 30 проценти биле странски државајани, исто толку имало купувачи од Охрид, 20 проценти биле од Скопје и останатите градови во Македонија и 20 проценти од македонската дијаспора во другите земји.

    За куќите и недвижностите во стариот дел на Охрид и понатака најзаинтересирани се странците, кои за куќа или апартман во старото охридско јадро плаќаат цена од 2.000 до 3.000 евра за метар квадратен, зависно од атрактивноста на локацијата, погледот и визурите, пристапот кон локацијата, состојбата на недвижноста.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира