МИНИСТЕРКЕ КОЧОСКА-ДИМИТРИЕСКА, ЈАС СУМ ФАТМИР БИТИЌИ, ТАТКО НА ДВЕ ДЕЦА, ДОСТОЕН ЛИ СУМ ДА ВИ ПОСТАВАМ ПРАШАЊЕ, Ѝ РЕЧЕ ПРАТЕНИКОТ ЗА НЕЈЗИНАТА ТЕШКА ДИСКРИМИНАЦИЈА КОН СЛАВЈАНКА ПЕТРОВСКА

    МИНИСТЕРКЕ КОЧОСКА-ДИМИТРИЕСКА, ЈАС СУМ ФАТМИР БИТИЌИ, ТАТКО НА ДВЕ ДЕЦА, ДОСТОЕН ЛИ СУМ ДА ВИ ПОСТАВАМ ПРАШАЊЕ, Ѝ РЕЧЕ ПРАТЕНИКОТ ЗА НЕЈЗИНАТА ТЕШКА ДИСКРИМИНАЦИЈА КОН СЛАВЈАНКА ПЕТРОВСКААко некоја жена не е мајка, тоа не значи дека не смее да зборува за економски прашања, рече Битиќи и побара министерката Димитриеска-Кочоска да се извини. (Фото: Принтскрин од Собраниски канал)

    Поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи од СДСМ, кој е еден од најистурените експерти меѓу пратениците за дискусии на економските теми, на денешната седница за пратенички прашања која падна во сенка на тешката дискриминација на министерката за финансии Гордана Кочоска-Димитриеска врз пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ, кажа дека ги прекинува сите комуникации со министерката. Димитриеска-Кочоска денеска на Петровска, која го искористи законското право да постави пратеничко прашање на седницата во Собранието, ѝ кажа дека таа нема право во прашањата да спомнува мајки и семејства, за разлика од неа која е мажена и има два сина.

    Петровска тогаш не изреагира на навредите и објасни зошто.

    „Мислев, министерке, дека извлековте поуки од вашите претходни испади на Комисијата за финансирање и буџет, кога ве повлекоа од партијата со наредба да не доаѓате во Собрание, по што го праќаа вашиот заменик. Нема да одговарам на вашите неумесни коментари. Ако имаше дно, вие го пробивте“, рече Петровска.

    Битиќи рече дека ако министерката Димитриеска-Кочоска не се извини за дискриминацијата врз Петровска по основ на семеен статус, комуникацијата ќе остане замрзната. Одлучи прашањата  да не ѝ ги постави денеска.

    „Се спремав денеска да поставам три прашања, но ќе морам да почнам со нешто што не е прашање, затоа што денеска се случи еден срамен чин на дискриминација и непочитување од министерката за финансии. Настрана што не е само личен напад врз пратеничката Петровска, туку е напад врз достоинството на сите жени, мајки, работнички, борци за правда и еднаквост во ова општество. Министерката за финансии си дозволи да изрази дискриминаторски став кон пратеничка, деградирајќи ја како личност и негирајќи ја нејзината способност да зборува за предизвиците и трошоците на семејствата во оваа наша држава. Со зборовите: ’Не можам да ве наречам почитувана, зашто треба да ја заслужите мојата почит’, министерката директно  покажа директно непочитување кон институцијата Парламент. Ова Собрание, министерке, не е приватен клуб во кој членството зависи од личните симпатии на некој министер. Ова е демократска институција во која секој има право да зборува без да биде понижуван“, реагираше Битиќи, а потоа праша ако не тука во Собранието, каде пратениците да го кажат својот критички став?

    Потоа, од говорницата пратеникот Битиќи зборуваше и за недозволената ароганција и елитизам со кои рече, денеска Кочоска-Димитриеска сакала да ја замолчи Петровска, но и сите жени кои не мислат како неа.

    „Министерката направи поделба: меѓу оние што се мајки и оние што според неа, немаат право да зборуваат за економските проблеми на семејствата. Ако некоја жена не е мајка, тоа не значи дека не смее да зборува за економски прашања. Министерке, во оваа држава има илјадници мајки кои многу добро знаат што значи да се преживува од месец на месец, кои се борат со зголемените трошоци, кои бројат денари за да обезбедат храна, греење, училишни материјали. Македонија има илјадници жени кои не се мајки, но кои работат напорно, кои ги чувствуваат економските последици од вашата, за жал, неспособна политика, кои не заслужуваат да бидат замолчени од вашата елитистичка политика и ароганција. Ова не е прашање само на еден недоличен напад на една пратеничка, ова е прашање на тоа каков однос има Владата кон секој граѓанин што не се вклопува во нејзините лични критериуми за почитуваност“, рече Битиќи и кажа дека во Собранието ќе се бори против секоја дискриминација поради различности.

    „И затоа: министерке, јас сум Фатмир Битиќи, имам сопруга и сум родител на две деца. Ве молам, одговорете ми: Дали сум достоен да ви поставам пратеничко прашање?“, рече Битиќи од говорницата.

    Но, го кажа тоа само симболично. Рече дека ја прекинува секоја комуникација со неа и нема да ѝ ги постави трите економски прашања што ги подготвил за денеска. Рече дека ова ќе остане вака се додека Кочоска-Димитриеска не се извини јавно за она што ѝ го кажа на колешката Петровска, како и на сите кои не се вклопуваа, како што рече, во личната дефиниција на министерката за почитуваност.

    Потоа тој постави прашања на други министри. Но, потпретседателката на Собранието Весна Бендевска му кажа дека со говорот во првиот дел за она што денеска го направи министерката за финансии, тој го злоупотребил правото за поставување пратенички прашања.

    Потоа ѝ даде збор на Кочоска-Димитриеска, која рече дека ќе ги коментира „лажгите искажани од говорницата“.

    „Ниту сум дискредитирала, ниту дискриминирала или што било направила кон вашата колешка пратеничка. Меѓутоа, ќе земете да ја преслушате уште еднаш комуникацијата, нејзиното обраќање кон мене, па да видите прво како таа навредуваше. Во однос на тоа каков е мојот став за жените, мислам дека повеќе од јасно покажувам со тоа што целиот кабинет ми е полн со жени. Се гордеам што е така и затоа уште еднаш ќе апелирам до јавноста да ја преслуша комуникацијата што ја имавме утрово јас и Славјанка и да види дали некој навредувал и од каде тргнале навредите. Притоа, таа навреди човек кој во период на опозиција ја бранел“, рече Кочоска-Димитриеска и му се сврте на Битиќи кој не ѝ ги постави прашањата.

    Министерката зборуваше за податоци од ММФ и викаше кон Битиќи дека затоа не ѝ ги поставил прашањата и затоа цел ден се обидувал да ја дискредитира. Натаму, дека не можел да ја гледа како министерка за финансии, зашто еден куп кривични пријави чекале да бидат поднесени од Финансиската полиција.

    „Јас да сум на ваше место, ќе се загрижам само за невладините организации кои што ги имате и ги имавте претходниот период“, се закани нервозно министерката, ги свитка хартиите за кои рече дека се документи од ММФ и седна на местото.

    Таа не ѝ се извини на пратеничката Петровска.

    „Јас имав едно просто прашање: Дали како татко и сопруг сум достоен да ѝ поставам пратеничко прашање, и не добив одговор. Никој никого не дискредитира. Кога е добро, ги поздравуваме добрите работи. Но кога е лошо, лошо е. Дали ви значат нешто 2,43 проценти реализација на капитални  инвестиции? Минатата година 12,63 проценти беше реализацијата“, кажа Битиќи и најави дека и во следната прилика ќе продолжат да зборат за дискриминацијата што ја има меѓу нив, особено кај власта.

    Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски денеска најостро ја осуди, како што ја нарече, срамната, навредлива и дискриминаторска изјава на министерката за финансии, упатена кон пратеничката Петровска и побара Димитриеска-Кочоска јавно да се извини.

    ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа министерката Димитриеска-Кочоска, која е и потпретседателка на партијата. Во партиското соопштение во кое ја напаѓа пратеничката Петровска, ВМРО-ДПМНЕ ѝ го погреши и името – ја вика Славица место Славјанка – и вели дека таа се претставува како жртва секогаш кога ќе биде повикана на одговорност.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира