На Светскиот ден на театарот, 27 Март, Народниот театар од Битола (НТБ) ќе ја игра претставата „Ѓоре Магаревски – 80 години потоа“ и целиот приход од продадените влезници ќе го донира за семејствата на настраданите и повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Со оваа претставата во ноември 2024 беше одбележан 80-годишниот јубилеј на Битолскиот театар.
„Ѓоре Магаревски- 80 години потоа“ е во режија на Благој Мицевски, Софија Ристевска-Петрушева и Јован Ристовски. Играат актерки и актери од сите генерации, вклучувајќи ги и пензионираните. Во три кратки едночинки улогата на Ѓоре ја играат актерите Марјан Ѓоргиевски во режија на Благој Мицевски, Александар Димитровски во режија на Софија Ристевска, и Никола Пројчевски во режија на Јован Ристовски. Сценограф е Валентин Светозарев, костимографи Благој Мицевски и Андреј Папаз Ѓоргиевски, драматург Билјана Крајчевска,
„Влезниците за оваа претстава ќе бидат по цена од 100 денари, а целиот приход од продадените влезници ќе биде наменет за настраданите во Кочани. Ќе бидат прочитани и пораките по повод Денот на театарот. Светската порака ќе ја прочита Ана Грамосли, а македонската Никола Стефанов“, велат од Народниот театар од Битола.
Во пожарот во кочанската дискотека на 16 март загинаа 59-мина од кои 6 деца, а повредени се околу 200 меѓу кои и 25 деца.
Црвениот крст изврши исплата на средства на семејствата на починатите и повредените лица кои се лекуваат во странство. За секое лице е исплатено по 150.000 денари. Со исплатата вкупно се опфатени 58 семејства од починатите лица вклучувајќи го и починатиот возач на Брзата помош во Кочани, и 91 семејство од повредените лица кои се хоспитализирани во болниците во странство.
„За две семејства од починатите лица и 24 семејства од повредените лица кои се лекуваат во странство се чекаат дополнителни податоци за да може да се изврши исплатата и за нив. Во тек е прибирање на податоци за повредените кои се лекуваат во државата“, соопшти Црвениот крст и додаде дека заклучно со денеска собрани се вкупно 61.852.758 денари (над милион евра).
Ж. ЗДРАВКОВСКА