БИТОЛСКИ „КОМУНАЛЕЦ“ СО ЗАГУБА ОД МИЛИОН ЕВРА, СКЛУЧИ ДОГОВОР ЗА НАБАВКА НА КУЧЕШКА ХРАНА ОД 57.000 ЕВРА ЗА ЕДНА ГОДИНА

    БИТОЛСКИ „КОМУНАЛЕЦ“ СО ЗАГУБА ОД МИЛИОН ЕВРА, СКЛУЧИ ДОГОВОР ЗА НАБАВКА НА КУЧЕШКА ХРАНА ОД 57.000 ЕВРА ЗА ЕДНА ГОДИНАДиректорот на „Комуналец“ Горан Степановски вели дека за храна се потрошени 1.600 евра, а во договорот се вели дека нема обврска за целосно исполнување на вредноста на рамковната спогодба. (Фото: СДК.МК)

    Над 3,5 милиони денари (над 57.000 евра) изнесува договорот за набавка на храна за кучиња што јавното претпријатие „Комуналец“ од Битола го склучило врз основа на рамковна спогодба со скопска фирма. Договорот, објавен на страницата за јавни набавки на Министерството за финанси, е склучен во септември 2024 и има важност од една година. Во него пишува дека реализацијата ќе биде сукцесивна, во зависност од потребата и дека договорниот орган нема обврска за целосно исполнување на вредноста на рамковната спогодба.

    Вкупната сума на набавката предизвика жестоки обвинувања во битолскиот Совет, од советникот Иван Чулакоски од независната граѓанска инцијатива Поинаку. Тој праша дали кучињата ги хранат со аспарагус, папаја и манго за да се склучи договор по толку висока цена кога претпријатието е во загуба од 59 милиони денари (955.000 евра).

    Директорот Горан Степановски одговори дека се потрошени само 100.000 денари (1.600 евра).

    „Што кучиња раневте за 60.000 евра, директоре? Освен ако одевте по улица да им фрлате храна на уличните кучиња. Наместо да ги собереме, ние купивме храна за 60.000 евра. Да не купувате како Владата за кучињата аспарагус, папаја, манго? Договорот за заловување и стручен третман на кучиња скитници е 60.000 евра. Направивме прифатилиште за кучиња и на некоја фирма ѝ плаќаме 6о. 000 евра да ги заловува кучињата“, рече советникот Чулакоски.

    Директорот на „Комуналец“ Степановски не одговори на обвинувањата за време на седницата, туку следниот ден објави видео на социјалните мрежи на кое кажа дека ова се погрешни бројки и страшна манипулација. Рече дека за храна се потрошени 100.000 денари, но не кажа зошто е предвиден толкав износ на јавната набавка и колку планираат да потрошат.

    „Јавноста да ја информираме со вистински, а не со извртени и нецелосни информации. За храна за кучиња досега се потрошени 100. 000 денари, а не 3,6 милиони денари, односно колку што изнесува вкупната вредност на јавната набавка. За ветеринарни услуги склучен е договор со 5 економски оператори на вкупна вредност од 3,6 милиони денари, а заклучно до декември 2024 година се потрошени милион денари. Бројките се тие, ако ви е тешко да разбрете, граѓаните сигурно разбираат подобро од вас“, рече Степановски.

    На страницата на Бирото за јавни набавки има и друг договор за една година преку рамковна спогодба во кој меѓу другата техничка опрема се набавува и принтер „матрикс А3“, во вредност од 276.675 денари (над 4.000 евра).

    „Комуналец“ е едно од петте битолски јавни претпријатија кои забележаа загуба во работењето од вкупно 150 милиони денари (2,4 милиони евра). Најголема загуба има „Водовод“ со над 61 милион денари (над 987.000 евра), на второ место е „Комуналец“ со 59 милиони денари (955.000 евра), трета е Нискоградба 21 милион денари (340.000 евра), па „Паркинзи“ со 3,2 милиони денари (52.000 евра) и на крај „Пазари“ со 2,8 милиони денари (45.000 евра).

    Нивните завршни сметки за 2024 година не поминаа на Советот, каде беше изгласано разрешување на управните и надзорните тела на овие претпријатија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВАА СОДРЖИНА НА НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ:

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира