Проектите кои им ги ветивме на граѓаните на изборите не беа погодни за раководството на мојот општински комитет, кои понесени од функцијата тргнаа по патот на своите амбиции, рече Кристина Атанасова-Арсова советничка во Советот на Општина Кочани од ВМРО-ДПМНЕ. Синот на Атанасова-Арсова е меѓу повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март и е на болничко лекување. Во пожарот загинаа 61 лице, меѓу кои 6 деца, а 193 беа повредени од кои 25 деца.
Советничката Атанасова-Арсова, која на локалните избори во 2021 беше носителка на листата за советници на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани, на денешната седница за избор на в. д. градоначалник си поднесе оставка како советник и им се извини и побара прошка од граѓаните што не успеала да го реализира она што им ветувала во кампањата.
„Имав храброст и визија за сите граѓани на Кочани, но бев сама во процесот на реализација бидејќи во ниту еден момент тие работи не беа погодни за челниците односно раководството на мојот општински комитет. Бидејќи тие истите водени од своите суети, понесени од моќта на функциите кои за првпат во животот им се случија, тргнаа по патот на сопствените амбиции, заборавајќи ја доктрината на нашата политичка партија. Ова е страшно недостојно и понижувачки за мене и за сите кои ме гласале. Оние што не ме знаат можат да ме критикуваат, а оние што ме знаат ќе знаат зошто го правам тоа. Јас во иднина ќе се посветам на син ми, кој што сè уште е во болница после несреќата, и на сите оние деца коишто треба да се вратат и на нивната рехабилитација. Сите идеали на овој свет не вредат колку солзите на едно дете“, рече плачејќи од говорницата Атанасова-Арсова.
Кристина Атанасова-Арсова е актерка вработена во Народниот театар во Штип, а на 25 јули 2024 беше именувана за в. д. директорка на штипскиот Центар за култура „Ацо Шопов“. На таа функција на 24 јануари ја замени музичарот и професор Филип Стевановски, кој загина во пожарот во кочанската дискотека.
Советот на Општина Кочани денеска за нов в. д. градоначалник на Општина Кочани го избра независниот советник Венко Крстевски. Негов противкандидат беше советникот Гоце Марков од ВМРО-ДПМНЕ. Советниците од СДСМ не предложија кандидат.
Атанасова-Арсова рече дека двајцата кандидати за в. д. градоначалник не се соодветни за оваа функција.
„Едниот се претставува како обичен човек притоа заборавајќи дека сите ние сме обични луѓе, а својот кредибилитет го гради само преку медиумски ситни и бессуштински реклами. Зошто како човек не се запраша за сите овие години за неправилности во дискотеката? Тоа е затоа што му годела забавата во тој објект после користење на забранети супстанци. За другиот, заедно со неговите блиски другарчиња, кој пропагира чесност и солидарност понесен од влијанието на позицијата тргна по освојување на било која функционерска позиција притоа со физички напади, човекот кој не го гласаше Буџетот за 2025, а сега сака да раководи со него“, рече Атанасова Арсова.
Во првиот круг на гласање и двајцата кандидати добија помалку гласови од потребните десет од вкупно 19 совeтници колку што брои Советот. Во вториот круг важно беше кој кандидат ќе добие повеќе гласови, па на јавното гласање Марков доби 8 гласови, а Крстевски 9 гласови.
Крстевски ќе биде на оваа функција шест месеци, односно до новите локални избори што треба да се одржат годинава.
„Мораме во наредниот период да работиме сите заедно за добро на градот и неговите жители. Мораме главното внимание да го посветиме на младите“ кратко рече Крстевски.
Крстевски доаѓа на местото на претходниот градоначалник Љупчо Папазов од ВМРО-ДПМНЕ кој си даде оставка на 17 март и е во притвор како еден од 45-те физички лица осомничени за пожарот во дивата дискотека во Кочани, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност. Осомничени се и 3 правни лица. Истрага се води и против седум полициски службеници од Штип и Кочани и тие се во притвор.
- СО НЕПРОВЕРУВАЊЕ НА ДИСКОТЕКИТЕ И КЛУБОВИТЕ, ДИРЕКЦИЈАТА ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ СО ГОДИНИ ГИ ДРЖЕЛА ВО ОПАСНОСТ ЖИВОТИТЕ НА СИТЕ КОИ ГИ ПОСЕТУВАЛЕ, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛОТ КОЦЕВСКИ
- СУДОТ ОДРЕДИ ПРИТВОР ЗА ЧЕТВОРИЦА ОД НОВИТЕ 19 ОСОМНИЧЕНИ ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ, ШЕСТМИНА ОДАТ ВО КУЌЕН ПРИТВОР
Т. ЈОВАНОВСКИ