Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи (МВР) приведоа уште 7 полициски службени лица во врска со катастрофалниот пожар во неисправната кочанска дискотека „Пулс“ на 16 март со 61 жртва, а сите од Службата за внатрешни работи (СВР) Штип и од Полициската станица во Кочани. Во притвор веќе еден месец се 7 нивни колеги, односно началници и инспектори од овие два града, а денеска Обвинителството за гонење организиран криминал ја прошири истрагата.
„Во тек е полициска акција, МВР обезбедува полициски службеници по поднесена кривична пријава, во рамки на предистражна постапка“, вели Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, каде е и Одделот за гонење лица со полициски овластувања.
Досега вкупно 45 физички лица и 3 правни лица се осомничени од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани. Со денешните 7 приведени, веќе има 14 осомничени полициски службеници во големата истрага.
Пожарот во неисправната дискотека „Пулс“ настана при користење пиротехнички средства на концертот на групата ДНК, при што загинаа 61 лице меѓу кои 6 деца, а повредени се 193 лица од кои 25 деца.
С. К. ДЕЛЕВСКА