СИТЕ ШТО БИЛЕ НА ВЛАСТ ДОСЕГА СЕ ВИНОВНИ ЗА УБИСТВОТО НА НАШИТЕ ДЕЦА, КАЖАА РОДИТЕЛИТЕ НА НАСТРАДАНИТЕ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА НА ПРОТЕСТОТ ПРЕД ОБВИНИТЕЛСТВОTO

    СИТЕ ШТО БИЛЕ НА ВЛАСТ ДОСЕГА СЕ ВИНОВНИ ЗА УБИСТВОТО НА НАШИТЕ ДЕЦА, КАЖАА РОДИТЕЛИТЕ НА НАСТРАДАНИТЕ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА НА ПРОТЕСТОТ ПРЕД ОБВИНИТЕЛСТВОTOРодителите ги наброија сите досегашни премиери, градоначалници, директори и обвинители. (Фото: К. Попов)

    „Ни убивте сѐ“, „Селективна одговорност е неодговорност“, „Каде да фатиме врски за да ги вратиме нашите другари“, беа дел од паролите на родителите, роднините и другарите на загинатите деца во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, на денешниот пртотест пред зградата на Обвинителството во Скопје.

    Родителите рекоа дека сите кои досега биле на власт се одговорни за убиството на нивните деца. Ги наброија сите досегашни премиери, градоначалници, директори и обвинители.

    (Фото: К. Попов)

    „Да се постапеше по една пријава по допрен глас ова немаше да случи, нашите деца ќе беа живи. Јавното обвинителство дали еднаш постапило по допрен глас. Не се само овие 62 загинати деца, 170 деца се повредени и доживотно ќе останат со инвалидитет. Дали овој тука таканаречен јавен обвинител тука ќе постапува само по партиски потреби?”, рече родител на протестот пред Обвинителство.

    (Фото: К. Попов)

    Неколку родители влегоа во Обвинителството на средба со обвинителите кои го водат случајот.

    „Одговарајќи на сите поставени прашања и дилеми на блиските на починатите, обвинителите ги уверија дека истрагата е сеопфатна и се земаат предвид сите аспекти на евентуална одговорност за трагичниот настан. На семејствата им беше најавена и динамиката на претстојни распити на оштетените како следна фаза од истражниот процес. Обвинителството продолжува интензивно да презема дејствија на распити и вештачења од кои најголем дел од прелиминарните резултати се очекуваат во следните неколку дена. Во истрагата се ангажирани максимални капацитети од сите истражни органи и се вклучени десетици стручни лица од различни области, соопшт подоцна по средбата од Обвинителството.

    Обвинителството упати и отворен повик до сите граѓани кои располагаат со лични сведоштва, информации или докази поврзани со работата на клубот „Пулс“ и поврзаните фирми, како и за надлежните институции, да ги споделат преку специјално изготвен формулар достапен на веб-страницата на Обвинителството.

    Потоа, од Обвинителството се упатија кон Собранието каде во тек е седница за интерпелација на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Пред Собранието беше побарано оставка од Тошковски, но и од сите пратеници. Собранието даде еден час пауза во расправата откако родителите пристигнаа пред зградата.

    На протестот дојде и поранешната обвинителка за организиран криминал Вилма Русковска. (Фото: СДК.МК)

    Пожарот во неисправната дискотека „Пулс“ настана при користење пиротехнички средства на концертот на групата „ДНК“, при што загинаа 62 лица, меѓу кои шест деца, а повредени беа 193, од кои 25 деца. Во странство остануваат хоспитализирани 33 повредени, а во земјава во моментот се лекуваат вкупно тројца пациенти, од кои во Хируршка клиника „Св.Наум Охридски“ еден пациент, а во приватната болница Систина двајца пациенти.

    На 25 април, поранешниот командир и двајца инспектори во Полициската станица Кочани добија кривични пријави во врска со кочанската дискотека „Пулс“. Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека иако знаеле дека фирмата ДПТУ „Класик ДМ“ ДОО Кочани е неактивна, а дискотеката ја управува друга фирма, ѝ поднеле прекршочна пријава за прекршување на јавниот ред и мир.

    Над 60 лица досега се под истрага за пожарот. Под истрага се сите полициски инспектори, началници и командири кои од 2012 година наваму дале одобрение дискотеката „Пулс“ да добие лиценца за работа од Министерството за економија, соопштија МВР и Јавното обвинителство. Сите се осомничени за кривичните дела Тешки дела против општата сигурност и Предизвикување општа опасност.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира