СОВЕТОТ НА КУМАНОВО ИЗГЛАСА ИЗМЕНА НА ПЛАНОТ ЗА ИЗГРАДБА НА „ЛИДЛ“, ЕДНА ОД ПАРЦЕЛИТЕ Е НА КУМОТ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ, КОЈА ЈА КУПИЛ ОД СЕМЕЈСТВОТО ДИМИТРИЕВСКИ ЗА 250.000 ЕВРА, А ЈА ПРОДАЛ НА „ЛИДЛ“ ЗА 600.000 ЕВРА

    СОВЕТОТ НА КУМАНОВО ИЗГЛАСА ИЗМЕНА НА ПЛАНОТ ЗА ИЗГРАДБА НА „ЛИДЛ“, ЕДНА ОД ПАРЦЕЛИТЕ Е НА КУМОТ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ, КОЈА ЈА КУПИЛ ОД СЕМЕЈСТВОТО ДИМИТРИЕВСКИ ЗА 250.000 ЕВРА, А ЈА ПРОДАЛ НА „ЛИДЛ“ ЗА 600.000 ЕВРАИницијатори на измените во ДУП се Џино Реџина и Драган Митевски, кој е кум на градоначалникот Максим Димитриевски, а финанисер е „Лидл Македонија“. (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Куманово ја изгласа нацрт-измената и дополна на Деталниот уурбанистички план (ДУП) каде што треба да се гради маркетот на „Лидл“. Станува збор за парцела на влезот на Куманово со површина од 42.000 метри квадратни на местото на поранешен ЧИК „Куманово“.

    Иницијатори на измените во ДУП се Џино Реџина и Драган Митевски, кој е кум на градоначалникот Максим Димитриевски, а финанисер е „Лидл Македонија“.

    По неколкучасовната расправа, за измената на ДУП-от покрај советниците на мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и помалите коалициски партии од албанскиот блок, гласаше и ДУИ која е опозиција во Советот, додека против беа само СДСМ и Левица.

    Коалицијата на СДСМ го обвини градоначалникот Димитриевски за незаконско носење на одлуката со елементи на корупција, поради што најавија судска разврска. Тие се сомневаат дека со влегувањето на „Лидл“ во Македонија и купувањето на земјиштето за дистрибутивен центар во индустриската зона во Речица, почнале да се прават сомнителни зделки со купопродажба на земјиште на семејството Димитриевски.

    Советникот Миле Андоновски од Партијата на пензионерите, рече дека сите преземени чекори укажуваат и наведуваат на заклучок дека се подготвува или е во тек процес на корупција.

    „Во август 2023 година итно се закажа седница за да се регулира прашањето за тендерот за продажба на земјиште во индустриска зона Речица. Се знаеше дека купувачот ќе биде ‘Лидл’, и тоа се реализираше. Само два месеца потоа, направен е договор за купопродажба на парцела што била во сопственост на татко му и братучедот на градоначалникот, со површина од 1.240 м2, со одложено плаќање. Купувач е Драган Митевски за 250.000 евра, 200 евра по метар квадратен. Рок на исплата е 12 месеци, со обврска да се плаќа на месечни рати во сразмерен дел. Месец дена потоа, се прави преддоговор за купопродажба на истиот купувач со ‘Лидл’. А месец дена потоа, откако овој договор ќе стане извршен се прави хипотекарен договор, со право хипотекарниот должник да повлече една транша од 120.000 евра. Јас не знам дали ги има повлечено тие пари, бидејќи немам увид во плаќањето. Исплатата требала да заврши во ноември 2024 година. Од август 2023 до јануари 2024 година се преземаат активности за да се исклучи од право на сопственост член на семејството на градоначалникот, за да се избегне можноста да се поврзува со тргување со влијание“, кажа Андоновски.

    Координаторот на СДСМ, Александар Јовановски, смета дека реалната цена на спорната парцела е далеку под онаа што е купена, и земјиштето од трета категорија е со пазарна вредност од околу 6.000 денари по метар квадратен.

    „Оваа парцела не може да биде урбанизирана и не може да послужи за инвестиција, така како што е поставена може само да биде само тампон-зона помеѓу автопатот и населеното место. Земјиштето кога би ја откупувала државата, на пример за да го прошири автопатот, не може пазарната вредност да биде повеќе од 60.000 евра. Меѓутоа кумот ја купува за 250.000 евра, и за неполн месец ја препродава со преддоговор на инвеститорот ‘Лидл’ во износ околу 600.000 евра. Само по себе ова е сомнително, коруптивно и треба да се испита“, кажа Јовановски и ги повика советниците од мнозинството да не ја гласаат измената на ДУП-от.

    Советничката Атина Мургашанска го праша градоначалникот како од толку парцели во градот, инвеститорите се одлучиле да го купат токму имотот на неговите родители, и зошто тој од етички и морални причини не го ја спречил реализацијата бидејќи има конфликт на интереси. Таа кажа дека овие податоци се јавни и секој може да ги види.

    „Вашата лична вмешаност дава простор за сомнеж дека се работи за коруптивен процес, за злоупотреба на службената положба и тргување со влијание. Такво инсистирање да се донесе ДУП-от со прескокнување на процедурата, да се заврши што побрзо, бидејќи не се знае, изборна година сме, може нема да останете на власт“, кажа Мургашанска, која додаде дека со оваа продажба трајно се уништуваат индустриските капацитети на чевларството по што беше познато Куманово.

    На седницата беше посочено дека фирмата „Реџина“ која го купи поранешен ЧИК е сопственик само на објектите, додека земјиштето под нив и во дворот се на Република Северна Македонија, а во тек е постапка во Министерството за финансии за негово отуѓување.

    Советниткот Благојче Јаќимовиќ од НСДП, се интересираше како може фирмата да склучува купопродажен договор за продажба на земјиштето кое не е нејзино, и дали државата ќе ѝ го продаде по цена 500 евра за квадрат колку што е постигната минималната цена при продажбата на земјиштето на другата парцела. Зошто земјиштето не го продава државата по пазарната цена, туку го отуѓува за да го продаде приватникот? Му беше одговорено дека тоа го дозволува законот, а не Општината.

    Градоначалникот Димитриевски, кој дојде кратко на седницата, што не е пракса во последниот период, кажа дека целата постапката е законска, и дека тој има големо семејство и роднини и не може да влијае кој каде ќе инвестира. Притоа, потсети дека ДУП-от на урбаната единица „Тоде Мендол“ каде сега се бараат измените бил донесен во 2010 година, а тој тогаш како советник гласал против, бидејќи не сакал земјиштето да се продава на странски инвеститор, затоа што се работи за негова дедовина која им била неправдно одземена. Обвинувањата на опозицијата ги нарече заговор и тврди дека од зделката нема штета државата.

    „Кои се мотивите на инвеститорите да го купат тоа земјиште треба да ги прашате нив. Не се работи за земјиште само на моите родители туку за членови на моето потесно и пошироко семејство, кои се наследници на 1.200 м2, од парцелата која што е 4 хектари. Јас вашата одлука како Совет ќе ја почитувам, ама никогаш нема да нарушам право на некого што му го овозможува законот да влезе во постапка за просторно и урбанистичко планирање на било која сопственост која ја поседува“, кажа Димитриевски.

    Тој ја обвини опозицијата дека ја бојкотира најголемата инвестиција во последните 5 децении која ќе донесе нови вработувања, и кажа успеал да го заживее градот која предходната власт го уништила.

    Тие го потсетија дека 16 години бил на власт како кадар на СДСМ и тоа 8 години советник и претседател на Советот на Општина Куманово, и 8 години по еден мандат пратеник и градоначалник, и дека партијата му дала се за тој да успее.

    Советниците од малцинството повторија дека не се против влегување на странски инвеститор во градот, особено на реномирана компанија како што е „Лидл“, но бараа да се почитува јавниот интерес и да се заштити државниот имот. Тие сметаат дека во тој дел на градот нема соодветна инфраструктура и сообраќајно решение кое ќе може да издржи товарот на големата фреквенција на камиони за дорур на стока, автомобили и луѓе, поради што сметаат дека ќе се направи тесно грло на влезот во градот. Предочија дека Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) не дозволило влез на локацијата од самиот автопат, туку мора да се користат постојните улици во градот, или општината треба да гради нови на приватно земјиште.

    Дел од нив побараа да се најде друга локација, на периферијата на градот, како што тоа е пример во градовите во соседнита земји, и да се направи маркет по стандардите на компанијата.

    Општина Куманово во 2023 година му продаде на „Лидл“ државно земјиште во индустриската зона Речица за 5,5 милиони евра и веќе се гради дистрибутивен центар.

    По изгласување на одлуката ќе следува јавна анкета и расправа пред конечно стапување на сила на ДУП-от. Доколку ги помине сите постапки, на маркичката ќе се градат објекти за малопродажба, големопродажба и хотелско сместување во коплекс наменет за Г3 и Г4 незагадувачка лесна индустрија.

    Поради судир на интереси, измената на ДУП-от вчера се гласаше по вторпат, бидејќи на минатата седница гласаше и Дарко Митевски, кој е координатор на советничката група на ЗНАМ, а е брат на иницијаторот за измените – кумот на Димитриевски. Советниците од опозицијата тогаш им укажаа дека има судир на интереси, но власта не попушти и ја донесе одлуката тврдејќи го спротивното.

    Ова не е прво носење на ДУП во Куманово кое ја бранува јавноста. Мнозинството во овој Советот е познато по тоа што минатата година прво донесе, па потоа самото го суспендира истиот ДУП за изградба на згради на булеватор Трета Македонска ударна бригада, па одлуката падна на Уставниот суд. Сега, инвеститорите водат судска постапка против Димитриевски за злоупотреба на службената положба и бараат оштета за претрпената штета од Општина Куманово.

    С. НИКОЛИЌ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира