Новинарите од медиумската куќа МПМ денеска маршираа за да одбележат една недела од штрајкот, со којшто бараат исплата на заостанатите плати, придонеси и хонорари од управата на компанијата.
Од вчера, според податоците на Централниот регистар, управител на МПМ, сопственик на весниците „Дневник“, „Вест“, „Утрински весник“, „Македонски спорт“ и магазинот „Теа модерна“, е д-р Срѓан Керим, кој доаѓа на местото на Јана Станисављева. Поранешниот министер за надворешни работи и македонски кандидат за Генерален секретар на ОН, исто така, останува единствен сопственик на МПМ преку компанијата „Мирекс плус“.
Новинарите на „Вест“, „Утрински весник“ и „Дневник“ денеска маршираа од просториите на МПМ до Паркот на новинарите, носејќи транспаренти и свирејќи со свирчиња. Тие штрајкуваат од 17 февруари поради неисплатени плати, придонеси и хонорари, како и поради избегнувањето на управата да им даде основни информации за состојбата и плановите за опстанок на фирмата.